Општина Куманово ја донесе во услови на економска и енергетска криза и целта беше да се намалат трошоците на семејствата, како и намалување на сообраќајниот метеж. Општината ја правда одлуката дека голем број граѓани ја користат мерката која се покажала како оправдана особено за заштеда во семејниот буџет на самите корисници.
Превозниците, како што кажа Ланг Спасовска, досега во неколку наврати бараа да се зголеми досегашната цена на субвенционираниот превоз од 50 на 60 денари.
„Од тие причини Општина Куманово достави барање за пресметка на трошоците по километар за возилата кои вршат превоз на патници на подрачјето на општината. Согласно извршеното вештачење од страна на дипломиран сообраќаен инженер, врз основа на податоци со кои располага општината, број на возила параметри на возилата, дневно изминати километри, пресметката на трошоците по километар изнесува 82,24 денари по километар за автобуси и 54,47 денари од километар за минибуси со вклучен ДДВ. Од причина што Општина Куманово не е во можност да издвои дополнителни финансиски средства за зголемување, субвенционирањето ќе продолжи по истата цена од 50 денари со вклучен ДДВ за изминат километар, за период уште од шест месеци заклучно со 30.06.2026 година“, појасни Ланг Спасовска.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски рече дека мерката е оправдана, бидејќи Куманово во однос на останатите помали градови од земјава има потреба од јавен превоз.
„Општината мора да размислува поеднакво за сите. Знам дека од центарот не го користат, но го користат речиси сите населби како и селата, граѓаните оттаму наоѓаат забелешки и секогаш прво зборуваат за превоз“, рече Димитриевски, кој кажа дека општината ќе продолжи со поддршка на превозот сè додека нема сериозни импликации врз буџетот.
Опозицијата реагираше дека мерката воопшто не е бесплатна и е на товар на самите граѓани, дека е прескапа. Дел од линиите се преполни и за опозицијата воопшто не е добро што учениците и граѓаните се возат заедно. Опозоцијата реагираше дека заради бесплатниот превоз, не можат да се реализираат капитални инвестиции од други сегменти, канализација, водовод, осветлување, патишта. Советниците кажаа дека не се против субвенционирање на одредени категории граѓани како што се студенти, пензионери, лицата со пониски примања и побараа детален преглед за број на патници.






