Таткот на прегазената Фросина, Тодор Кулаков порача дека не се откажуваат и дека за него е разбирливо дека ќе протестираат,а ако треба и барајќи оставки и смена на, за него, корумпираниот казнено-судски систем.
„Многумина на душа ќе ја носат погибјата на детето ангел против ваквиот срамен судски епилог, арам да им се парите и се друго што добиле како компензација. И Бог нека им суди и пресуди. Ние не се откажуваме“, порача Кулаков.
Првиот впечаток кога влего во судницата, како што рече, бил дека родителите на Васко биле тотално релаксирани.
„Дали они ја знаеја казната за разлика од претходното рочиште кога беа просто вкочанети. Затоа во држава во која дилерите на дрога и немилосрдни убијци се прогласуваат за светци, спортисти, посветени студенти според зборовите на одбрана, а што очигледно најмалку наивно беше прифатено од судскиот систем, па така срамна е и пресудата“, изјави Кулаков.
Посочи дека семејствата на убиените жртви со закон се целосно исфрлени од постапката.
„Ништо не е сменето… Судот е чиста мафија и вакви мафијашки убијци ги штити и такви пресуди носи“, рече Кулаков.
Обвини за уништување на докази од останатите тројца кои биле во автомобилот со Васил Јованов, за кои како што рече, требало да има кривична пријава за уништување на докази за убиство од кои, како што нагласи, сигурно ќе произлегле докази за многу нови кривични дела.
„Така повеќе од 20 години ќе беше казната на Васов односно барем ќе беше обвинението за Васов, но и за другите тројца во колата. Каде се тие сега, овој систем ги скри. Системот треба да одговара за соучество во прикривање на убиство“, рече Кулаков, најавувајќи повторно протести пред судовите и Судскиот совет.
Сашко Дуковски, адвокат на неправосилно осудениот Васил Јованов, смета дека судот не ги ценел во доволна мера искреното каење и личноста на сторителот.
Дуковски посочи дека осудителна пресуда била очекувана бидејќи осудениот Јованов признал вина, но дека ваквата пресуда е висока и не е во согласност со воспоставената судска пракса на територијата на Апелацискиот суд во Скопје.
„Иста ваква сообрќајна незгода 2019 година на истото тоа место, на истиот пешачки премин, само од другата страна, е завршена правосилно со 3,5 години. Сетете се на предметот во Велес, има еден прекршок повеќе од Васил. Има еден прекршок повеќе од Васил затоа што се даде сторителот во бегство и два дена беше недостапен. Правосилно заврши со осум години. Само за тоа приговарам“, изјави Дуковски.
Според Дуковски, не може преку овој случај судот да се почне да применува нова казнена политика во Македонија.
За обвинителот Александар Марковски денешниот ден за обвинителството е поголема победа затоа што била изречена казна затвор која што во историјата на Кривичниот суд Скопје не била изречена.
„Денешниот ден за обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор која што во историјата на овој суд, за ова кривично дело, и кога станува збор за една жртва, не била досега изречена, а сметајќи на висината од 12 години казна затвор, сепак обвинителството го задржува правото на жалба да бара и повисока казна затвор“, изјави обвинителот Александар Марковски, во изјава за медиумите по изрекувањето на пресудата.
Обвинителот посочи дека станува збор за трагичен настан каде што нема простор ниту за славје, ниту за разочараност.
„Во поглед на тоа самопризнание, мислам дека придонесе и ефикасната и брза истрага, кон која придонесе и со свој кадар и напори МВР кои беа на висина на задачата, како и истражителите од ОЈО Скопје“, изјави Марковски.
Сестрата на прегазената Фросина, Росица Кулакова, на својот фејсбук профил напиша дека пресудата е срамна и дека тоа не е пресуда туку е плукање врз болката на целото нејзино семејство.
Основниот кривичен суд Скопје го осуди Васил Јованов на 12 години казна затвор за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот откако претходно призна вина дека ја прегазил Фросина Кулакова во јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје.