Како што соопшти претходно Јавното обвинителство (ЈО) вчера, полициски службеници од СВР Битола, во координација со Јавно обвинителство Битола, ја уапсиле 67 годишната И. Д., вработена во Клиничката болница во Битола, поради сомнение за сторено кривично дело примање поткуп.
„На 16 јули, таа го повикала пријавителот на одделението за офталмологија во болницата за да ги земе парите и да закажат операцијa. Тој и дал една банкнота од 100 евра која претходно била обележана, па веднаш откако осомничената ги примила парите полициски службеници извршиле претрес и кај неа ги пронашле парите“, информираше ЈО.
Лекарската комора изрази длабока загриженост и најостро го осуди секое незаконско и неетичко постапување, особено кога тоа доаѓа од здравствен работник.
„Сакаме да нагласиме и дека се работи за индивидуален чин кој не ја одразува посветеноста и професионалноста на најголемиот број лекари во нашата земја кои секојдневно со пожртвуваност и етички пристап се грижат за здравјето на граѓаните, некогаш работејќи и во предизвикувачки услови. Исто така, апелираме да се почитува начелото на презумпција на невиност, сè додека не се донесе правосилна судска одлука. Веруваме дека само со заеднички напори на сите институции во согласност со нивните надлежности, можеме да изградиме здравствен систем во кој владеат етиката, професионализмот и довербата“, се вели во реакцијата на Лекарската комора.






