понеделник, 23 февруари 2026

Куќен притвор за Груби, Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по произнесување на поранешниот прв вицепремиер и министер за односи со заедниците, Артан Груби кој вечерва беше спроведен во судот, донесе решение со кое го прифати предлогот на надлежниот јавен обвинител и на одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување присуство против осомничениот, соопштија вечерва од Кривичниот суд.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат од Кривичниот суд, откако утрово КПУ затвор „Скопје“- Скопје, го извести судот дека осомничениот Артан Груби од 9:20 часот е спроведен во затворот каде што започнал со издржување на мерката притвор, определена со решение од 17 декември 2024 година, а стапи на сила од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, судот за истото го известил Основното јавно обвинителство Скопје и по нивно барање издал наредба за спровод на осомничениот пред Јавен обвинител за негово сослушување.

„Воедно во текот на денот, одбраната на осомничениот, до судот достави предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор, кој предлог е проследен до надлежното јавно обвинителство, за да се произнесе по истиот. Со оглед на фактот дека Jавното обвинителство ја води истрагата и согласно законските овластувања оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на истрагата, обвинителството до судот писмено достави позитивно мислење, а воедно на самата расправа за сослушување и јавен обвинител предложи определување поблага мерка за обезбедување од претходно определената. Врз основа на сето тоа судот го сослуша осомничениот во присуство на негов бранител и донесе решение за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, кој што е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително определена е и мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница“, информираа вечерва од судот.

Против ова решение Груби има право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ