четврток, 19 март 2026
Интервју

Ќу Ќијанг: Соработката со Кина на Македонија е помалку впечатлива, но потенцијално одржлива

Кина сака значително да ја оствари својата национална модернизација. Моментот е критичен. Кинеското раководство смета дека светот влегува во период на големи геополитички промени, и целта е Кина не само да ги преживее турбуленциите, туку и да напредува во нив, вели во интервјуто за МКД.мк професорот Ќу Ќианг (Qu Qiang), познат кинески економист и аналитичар, кој се занимава со макроекономија и финансиска политика. Тој за време на „Двете сесии“, главниот политички настан во Кина, одржа предавање во Пекинг пред дел од странските новинари што го следеа донесувањето на новиот петгодишен план за развој.

Објавено на

часот

Сподели

Ќианг е директор на Центарот за истражување на финансиската политика при Ренмин универзитетот (Renmin University of China) и соработник во Центарот за истражување на иницијативата „Еден појас, еден пат“ на Минзу универзитетот (Minzu University of China). Неговите истражувања се фокусирани на глобалната економија, финансиските реформи во Кина и економската соработка меѓу Кина и другите региони во светот.

Што значи планот за следните пет години за Кина? Која е неговата важност? Која е разликата во споредба со претходните 14 петгодишни плана за развој?

-Петнаесетиот петгодишен план на Кина, кој месецов беше одобрен на Националниот народен конгрес, покажува во која насока ќе се движи Кина во следните години. Зошто е важен овој план? Кина се наоѓа на многу специфична историска точка. Таа веќе ја заврши првата фаза на индустријализација, во голема мера се модернизираше и стана општество со среден приход. Сега главното прашање е како со 1,4 милијарди луѓе да се направи следниот чекор и да се достигне повисоко ниво на развој.

Овој план го покрива периодот 2026-2030, но всушност претставува мост кон 2035 година, кога Кина сака значително да ја оствари својата национална модернизација. Моментот е критичен. Кинеското раководство смета дека светот влегува во период на големи геополитички промени, и целта е Кина не само да ги преживее турбуленциите, туку и да напредува во нив.

Што е различно во однос на 14-от план?

-Ако го погледнеме 14-от петгодишен план, тој беше насочен кон поставување основи за развој со „повисок квалитет“. 15-от план е многу поамбициозен. Наместо само постепен напредок, целта е силна технолошка независност, лидерство во нови технологии, стратегиска иницијатива во глобалната економија. Во планот се содржани неколку клучни цели: раст на инвестициите во истражување и развој над 7% годишно, модернизација на традиционалните индустрии (челик, хемија, машини), огромни инвестиции во вештачка интелигенција, роботиката, аеронаутиката и во биомедицината.

Овие инвестиции се проценуваат на околу 10 трилиони јуани (повеќе од еден трилион евра) во следните пет години.

Овен тоа, потрошувачката треба да стане нов двигател. Кина долго време се потпираше на извоз и инвестиции. Овој петгодишен план силно ги нагласува домашниот пазар и потрошувачката. Планот предвидува повисока потрошувачка на домаќинствата, поголем домашен пазар, полесно купување автомобили и станови, подобри политики за платен одмор.

Ова значи дека кинеските потрошувачи ќе имаат поголема улога во глобалната економија.

Во центарот на стратегијата се новите технологии како вештачката интелигенција, електричните возила, роботиката, обновливата енергија… Кина сака да премине од фаза на „стигнување“ до фаза на технолошко лидерство.

Дали се предвидени и проблемите со кои Кина може да се соочи на овој пат?

-Да, планот ги истакнува и можните проблеми: геополитичките конфликти, енергетската криза, климатските промени, стареењето на населението. Затоа се предвидуваат политики за подобра здравствена грижа, грижа за постарите лица, развој на руралните региони, намалување на разликите меѓу град и село. Планот се опишува со концептот „покрив и под“. Покривот е колку високо може да достигне технологијата, а подот е подобрување на животниот стандард за сите.

Зборувавте за тоа како изгледаше Кина пред 30 години кога бевте дете и каква е денес. Која е разликата? Како се промените во животот на обичните Кинези?

-Во 80-те години од минатиот век просечната плата беше од 5-10 долари месечно, месото беше луксуз, становите ги доделуваше државата, имаше малку автомобили, универзитетско образование имале помалку од 5% од младите, здравството беше основно… Во 90-те години од минатиот век приходите пораснале на 100-200 долари месечно, но развојот сè уште бил бавен. Денес ситуацијата е целосно различна. Приходите пораснаа повеќекратно. Повеќето урбани семејства имаат сопствен стан. Кина има најголема мрежа на брзи железници во светот. Повеќе од 300 милиони автомобили се возат по патиштата. Околу 60% од младите студираат на универзитет. Животниот век се зголеми од 67 на 78 години. Во 80-те години луѓето се грижеле дали имаат доволно за живот. Денес се грижат за квалитет на образованието, за чист воздух, за баланс меѓу работата и животот, за грижа за старите родители.

Во вашите предавања ја нагласувате бројката од 1,5 милијарди Кинези. Зошто ѝ давате толку големо значење на таа бројка?

-Ниту една голема земја во историјата не се модернизирала со толку големо население. Повеќето развиени држави заедно имаат помалку од 1 милијарда жители. Тоа создава огромни предизвици – храна, образование, работни места, домување. Но истовремено создава и огромен пазар. Само кинеската средна класа има околу 400 милиони луѓе, што е најголемиот потрошувачки пазар во светот.

Како мислите дека светот ги прима овие информации за технолошкиот развој на Кина?

-Перцепцијата за кинеската технологија брзо се менува. Кина е конкурент во области како вештачка интелигенција, електрични возила, обновлива енергија, квантни технологии… Многу земји од Глобалниот југ на Кина гледаат како партнер за инфраструктура и технологија. Во развиените земји реакциите се мешани – од соработка до економска конкуренција.

Како ја оценувате позицијата на Кина во сегашните геостратегиски промени во светот?

-Кина има специфична позиција во новиот светски поредок. Таа инвестира во зелена енергија, ја проширува соработката со БРИКС и иницијативата „Еден појас, еден пат“, се обидува да гради мултиполарен светски систем. Главната стратегија е долгорочен економски развој и соработка, а не директна конфронтација.

Што е со вештачката интелигенција? Дали се плашите од можните злоупотреби или искривувања на ВИ?

-Во Кина општеството на ВИ гледа попрагматично, без страв. Вештачката интелигенција АИ веќе се користи во мобилни плаќања, во здравството, во образованието, транспортот… Сепак постојат грижи за губењето на работни места, за дипфејк технологии, за приватноста… Затоа владата развива регулативи и програми за преквалификација.

Како овој петгодишен план ќе влијае врз пазарите во Европа и во Соединетите Американски Држави?

-Постојат и можности и конкуренција. Можностите за Европа се во тоа што кинескиот пазар ќе се отвори повеќе за луксузни производи, за автомобилската технологија, за финансиските услуги… Но ќе има и конкуренција во производството на електричните возила, на индустриската опрема, во хемиската индустрија…

Со САД односите се повеќе стратегиска конкуренција, особено во технологијата. Се очекуваат ограничувања за технологијата, технолошко раздвојување, конкуренција во ВИ и полупроводниците.

Но глобалниот ефект е дека светската економија постепено се движи кон повеќе технолошки центри, различни стандарди, паралелни синџири на снабдување.

Како оди проектот „Еден појас, еден пат“? Каде е Македонија тука?

-Изминатите пет години поминаа низ тежок период на ковид. Но дури и со пандемијата и сите политички промени, направивме многу достигнувања. Во инфраструктурата, автопатските проекти како автопатот Миладиновци-Штип, отворен во 2019 година, непосредно пред пандемијата. Потоа, во почетокот на 2025 година, се отвори уште еден дел – делот Фариш-Дреново. А автопатот Кичево-Охрид треба да биде завршен до крајот на 2026 година.

Трговијата беше изненадувачки добра. Во 2021 година, билатералната трговија достигна 600 милиони, што е зголемување од над 50 отсто во однос на претходната година. Во ноември 2024 година, Кина објави безвизен режим за носителите на македонски пасоши. Ова е голема работа за туризмот и за деловните патувања.

На институтот Конфучие на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ се предаваат кинески јазик и култура. А кон крајот на 2025 година, туристичките агенции од Македонија беа дел од туристичкиот саем во Хаинан во Кина, каде што се промовираше македонското вино, мермер и тартуфи.

Каде би можело да оди ова партнерство по 2026 година? Кина беше јасна во врска со ова партнерство. Македонија штотуку го донесе новиот Закон за енергија – 46% од електричната енергија ќе доаѓа од обновливи извори. Кина е светски лидер во ова и ќе помогне да се намалат трошоците за енергија со нови ветерници, за 60%, и во производството на сончевата енергија, за 80%. Ветерни фарми, соларни паркови, можеби повеќе постројки за претворање на отпад во енергија ќе бидат следната рунда инвестиции.

Со дигиталната економија и е-трговијата македонските фирми можат да продаваат локални производи директно на кинеските потрошувачи преку интернет. Станува збор за пласирање на познати македонски производи на огромниот кинески пазар без посредници.

Двете влади веќе разговараа за соработка во генетската наука, биомедицинските истражувања, паметната здравствена заштита и вештачката интелигенција. Постојат заеднички лаборатории за компјутерска невронаука, а се зборува и за повеќе универзитетски размени помеѓу универзитетот Ланџоу Џиаотонг и универзитетот за информатички науки и технологија во Охрид.

Со сегашната безвизна политика и со автопатот Кичево-Охрид, кој конечно го отвора најубавиот езерски регион во земјата, би можеле да пристигнат повеќе кинески туристи. Инфраструктурата е тука, визната бариера е исчезната – сега се работи на маркетинг и директни летови.

Македонија има квалитетни прехранбени производи за кои кинеските потрошувачи би платиле. Значи рамката постои, само треба подобро да се спроведе.

Во иднина, соработката ќе биде повеќе поврзана со зелена технологија, трговија и инвестиции од помал обем, отколку со огромни водечки градежни проекти. Тоа е позрел, прагматичен однос. Помалку впечатлив, но потенцијално поодржлив.

Александар Дамовски, Пекинг

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ