„Според домашната и меѓународната регулатива, сите граѓани имаат право на достоен живот, што подразбира и пристап до соодветно домување. Меѓутоа, Ромите кои живеат во неформални населби и понатаму се изложени на тешка институционална негрижа“, велат од КСЗД.
Комисијата укажува дека и покрај претходните препораки до надлежните институции, многу локални самоуправи, државни органи и релевантни чинители не преземаат системски и недискриминаторски мерки за подобрување на условите во кои живее оваа заедница.
„Повторно им препорачуваме на општините и на Министерството за локална самоуправа да планираат и спроведуваат проекти со кои ќе се уреди и изгради соодветна инфраструктура за овие населби – водовод, канализација, асфалтирани улици, струја, како и да се обезбедат социјални станови таму каде што е невозможно легализирање“, истакнуваат од Комисијата.
Дополнително, тие потсетуваат дека и самата држава се има обврзано со потпишување на меѓународни документи, како што е Декларацијата за интеграција на Ромите во Западен Балкан, во која се вели дека државата ќе обезбеди правичен, пристоен и легализиран пристап до домување за Ромите кои живеат во неформални населби.
„Населбите со бараки, без вода, без канализација, без струја и без пристапни патишта, не се соодветни за живот и само ја продлабочуваат маргинализацијата и дискриминацијата. Ова директно влијае и врз другите права – образование, здравствена заштита, пристап до вработување и учество во општествениот живот“, предупредуваат од КСЗД.
Според нив, правото на соодветно домување не е луксуз, туку темелно човеково право кое државата мора активно да го штити.
„Бараме локалните власти и Министерството за локална самоуправа соодветно да ги насочат буџетските средства за решавање на овие прашања. Дискриминацијата по основ на етничка припадност е забранета со закон и мора да се искорени“, порачуваат од Комисијата.






