Според Законот, кворумот се пресметува врз основа на бројот на медијатори запишани во Именикот, кој во конкретниот случај броел 45 лица.
„За одржување на Изборното собрание е потребно присуство од најмалку половина од вкупниот број медијатори запишани во Именикот“, пишува во Законот за медијација.
Сепак, извори на МКД.мк од Комората на медијатори тврдат дека одлуките биле донесени од 14 присутни, кои утврдиле редуциран број на медијатори за понатамошната изборна постапка.
„Со тоа е извршено самоволно отстапување од законската основа за пресметка на кворум, што претставува сериозно незаконско постапување. Одлука донесена во услови кога не е обезбеден законскиот минимум на присутни не може да произведе правно дејство“, велат изворите на МКД.мк од Комората на медијатори.
Во дописот до ЦРМ, во кој МКД.мк имаше увид уште се посочува и дека Именикот подолг период не бил ажуриран, што според подносителите на известувањето претставува пропуст на органите на Комората, но не може да биде основ за селективно ограничување на правото на учество.
„Дополнително, дел од лицата кои гласале за утврдување на критериум за ‘активни лиценци’ самите не ги исполнуваат условите според истиот принцип што бил применет за исклучување на други медијатори. Со тоа се применува различен стандард за различни лица, се создава правна недоследност, се доведува во прашање легитимноста на донесената одлука. Таквата селективна примена на критериуми претставува сериозно кршење на принципот на еднаквост и правна сигурност“, велат нашите извори.
Според Законот, нефункционалноста на органите не може да биде основа за селективно толкување на статусот на медијаторите, ограничување на правото на учество и намалување на законската база за кворум.
„Административниот застој не создава право за било која група лица да воспоставува сопствени критериуми и да спроведува изборна постапка спротивно на јасните законски одредби. Ниту едно тело или група нема овластување, во услови на нефункционалност, да врши произволна проценка на статусот на медијаторите или да ја заменува законската процедура со интерна интерпретација“, предвидува Законот за медијација.
Дополнително, велат нашите извори, кандидатурата за претседател била поднесена во рок од пет дена, наместо најмалку седум како што пропишува Законот.
„Законот пропишува дека кандидатурата мора да биде поднесена во рок не пократок од седум дена пред одржување на Изборното собрание. Кандидатурата за претседател е поднесена во рок од пет дена, што претставува директна повреда на законската одредба. Изборна постапка спроведена спротивно на јасно утврден рок е правно компромитирана“, велат дел од членовите на Комората на медијатори.
МКД.мк уште дознава дека борбата за преземање на Комората на медијатори ја води кандидат кој е близок до ДУИ, а се сомневаат и дека тој и неговите поддржувачи со „врски“ пробале да ги впишат измените во ЦРМ.
Нашите извори велат дека досега не сакале да го привлекуваат вниманието на јавноста надевајќи се дека проблемот ќе се реши институционално, но сепак, не ја исклучуваат можноста и за поднесување тужба до сите инволвирани во овој случај.
МКД.мк денеска испрати прашања до Министерството за правда, до Владата, до Националниот совет за медијација и до Централниот регистар и откако ќе добие одговори истите веднаш ќе бидат објавени.
И.О.






