Врховниот суд, се наведува во соопштението, го уважи предлогот за пренесување на надлежноста во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд, денес на 25 јуни 2025 годинa донесе Решение КР-35/25, со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по предметот КООА.бр.13/25 на Основниот суд Кочани, оформен во врска со пожарот кој се случи на 16 март 2025 година во дискотеката ‘Пулс’, го определи Основниот кривичен суд Скопје“, се наведува во кусото соопштение на Врховниот суд.
Во исто време, делегација на Европската унија, предводена од евроамбасадрот Михалис Рокас, денеска беше во официјална посета на Општина Кочани, при што се сретна со в.д градоначалникот Венко Крстевски.
На средбата биле споделени информации за актуелната ситуација во општината, како и за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и вработените во институциите.
„Ги претставивме можностите и потенцијалите за развој на градот, со акцент на младите кои ќе бидат едни од главните приоритети на Општината во следниот период. Во рамки на средбата беше презентиран и Спомен домот АСНОМ како еден од капиталните објекти на градот, којшто во иднина треба да се реновира и да биде ставен во функција на младинските организации“, истакнал в.д. градоначалчникот Крстевски.
На средбата со европските претставници се разговарало и за досегашната поддршка од страна на ЕУ и за тековните проекти што се финансираат со средства од европските фондови. Станало збор и за продолжување на соработката и обезбедување поддршка во повеќе сегменти и проекти што општината ќе ги подготви за да овозможат надминување на состојбата по трагедијата во Кочани.