„Согласно одобрениот обвинителен акт оформен е кривично – правен предмет со КОК бр. 73/25 кој преку АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, а откако ќе биде насрочена главната расправа, терминот ќе биде достапен преку календарот на судење на веб страницата на судот“, информираа од Кривичниот суд.
Според обвинението, 31 физичко лице и 5 фирми ќе одговараат за криминали во ЕСМ. Обвинетите се товарат за незаконска набавка на адитиви вредна над 6,5 милиони евра од мала фирма сопственост на братучетка на еден од поранешните директори на ЕСМ.
Несовесно работење, злосторничко здружување, злоупотреби при работењето и на постапка за јавен повик, перење пари се дел од кривичните дела за кои ќе се гонат во следниот период, а ќе се бара и конфискација на имот.
Меѓу обвинетите е и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски кој е во бегство, а се бара и со меѓународна потерница, неговиот наследник Васко Стефанов како и екс директорите на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
На крајот на април годинава, обвинителството ја прошири истрагата на уште три физички лица меѓу кои е и претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска која се сомничи дека му издавала службени тајни на поранешен директор на ТЕЦ Неготино кој исто така е обвинет во овој случај.