Основниот кривичен суд Скопје и Здружението на судии на денеска потпишаа Меморандум за соработка со приватната високообразовна институција Бреинстер Некст Скопје со цел воведување нови дигиталните алатки во Кривичниот суд, за поголема ефикасност и економичност на постапките и полесен пристап на граѓаните до услугите во надлежност на судовите, информираа од судот.
„Студентите од Бреинстер Некст, кои ќе посетуваат практична настава во судот, ќе работат на воведување нови апликации преку кои со помош на вештачка интелигенција ќе овозможат алатка за пренесување на аудио записите од главните расправи во текстуална форма на македонски јазик, унапредување на технологијата за аудио и видео снимање на главните расправи, посебна апликација за директно и брзо анонимизирање на судските пресуди и унапредување на веб страницата на судот и поголема достапност на судот преку социјалните мрежи. Меморандумот опфаќа и соодветна заштита на податоците, па така студентите нема да имаа директен пристап во судскиот систем и увид во не правосилни предмети, а воедно ќе се запазат и сите законски одредби за заштита на личните податоци на странките и доверливоста на постапките. Соработката со академијата е иницирана пред се заради олеснување на работата на судиите и судската служба со користење на Вештачката интелигенција, побрз пристап до правдата и ефикасно водење на постапките со целосно почитување на законските одредби од Законот за кривична постапка и Законот за судови. Но, воедно е од особен интерес за транспарентноста и отчетноста на судот и збогатување на фондот на објавени пресуди кои ќе бидат од интерес како за медиумите и невладините организации така и за збогатување на судската пракса“, се наведува во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.






