петок, 23 јануари 2026

Кривичниот суд ја одби жалбата на судијата Ристов, тој останува во куќен притвор

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја одбил жалбата на судијата на Апелацискиот суд Скопје, Ѓоко Ристов да му биде укинат куќниот притвор, соопштија вечерва од Кривичниот суд.

Објавено на

часот

Сподели

„Одлучувајќи по жалба на осомничениот Ѓ.Р, кривичниот совет го потврди решението за куќен притвор“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд Скопје.

Ѓоко Ристов, судија во Апелацискиот суд Скопје се наоѓа во куќен притвор откако Обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК) ја прошири истрагата отворена на 14 септември 2025 година, а се однесува на сомнежи за поткуп од 50.000 евра од страната на поранешниот државен правобранител, сега адвокат, Фехми Стафа. Водејќи се од доказите,  ОЈО ГОКК пронајде 350.000 евра соѕидани во ѕид во кујната во семејната куќа на родителите на судијата Ристов во Неготино.

Надлежната обвинителка Искра Хаџи Василева на средба со новинарите информираше дека истрагата била комплексна, интересна и градена како мозаик од повеќе различни наводи, пријави, информации и сознанија.

„Вистински предизвик за истрагата од многу наводи и сознанија, многу од нив во шпекулативна форма, беше да се издвојат веродостојни факти. Случајот не е граден врз еден навод, туку врз повеќе што наведуваа на трговија со влијание во повеќе различни судски случаи. Некои засегнати сами пријавуваа, па биле пронајдени телефони во затвор од затворските чувари, разговори меѓу затвореници… Буквално случајот се градеше како мозаик. Но кога тргнувате по луѓе со влијание, јасно ви е дека и тие имаат контакти и дознаваат ако започнете истрага. Затоа треба да се внимава и со какви мерки ја водите истрагата. Со наводите што ги имавме започнавме со финансиска истрага, која сè уште е во тек, од што стана јасно дека станува збор за поткуп во кеш-пари“, беше кажано на брифингот со новинарите.

Од одбраната на судијата Ристов пак, тврдат дека парите пронадјени во семејната куќа во Неготино не биле негови туку припаѓале на родителите на судијата.

Поради сето ова, Судскиот совет на итна седница му го укина имунитетот на судијата Ристов, по што Кривичниот суд Скопје го прифати предлогот на ОЈО ГОКК на Ристова да му биде определена мерка куќен притвор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ