Кривична пријава добија М.Д (56), Л.Д. (26), В.М. (43) и З.С.(59), како и против правно лице со седиште во Трубарево.
„Првопријавениот и второпријавената, која е негова ќерка, како соизвршители, постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот, односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.

Третиот пријавен е овластено лице – раководител на подружница кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот пријавен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во правниот субјект, сепак преземал дејства со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.

На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост“, соопшти МВР.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против овие четири лица и фирмата за кривично дело загрозување на животната средина и природата.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите тројца побарано е определување куќен притвор.
Во исто време, продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.






