„Пријавата се однесува на претходно испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето сè уште се проверуваат. Надлежен јавен обвинител постапува по пријавите и презема дејствија“, информираа од ЈОРМ.
Со оглед на тоа што кривичното дело загрозување на сигурноста се гони по приватна тужба од обвинителството објаснуваат дека до овој момент ова е единствена пријава добиена од МВР, дека доктор Шаини нема поднесено пријава и дека по завршувањето на истрагата ќе се одреди прецизна квалификација на кривичното дело.
„МВР и ОЈО работат координирано во обезбедување на доказите. Се разбира согласно закон, обвинителството не е обврзано со правната квалификација, но во конкретниот случај истрагата е во тек, сѐ уште се прибираат доказите“, појаснија од обвинителството.
Шаини на денешната прес-конференција во Куманово ги отфрли како неосновани и невистините тврдењата дека неговата сопруга Ајрета Ајдини е поврзана со обидот за негово убиство. Тој побара истражните органи итно да ја расчистат ситуацијата и да го откријат вистинскиот осомничен за случајот. Тој во изјавата за медиумите кажа дека нема информација и сознанија за „мотивите за атентатот“ и е подготвен за соработка со надлежните органи. Шаини е претседавач на Советот на Општина Липково и носител на листа за советници на претстојните локални избори од редовите на ДУИ.






