Како што инфорираат од Управата, Бислимоски во својство на претседател на РКЕ, ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци иако бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт-трговија на големо на компанијата Тритерол петрол од Скопје.
„Поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15 јануари 2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година. Со тоа ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки“, велат од УФП.
Со ова, дополнуваат од УФП, Бислимоски ги повредил прописите кои бил должен да ги спроведува и ѝ овозможил на фирмата да оствари вкупен промет од 194.520.962 денари и да се стекне со противправна имотна корист во износ од 14.093.576 денари.






