Од МВР соопштија дека полицијата до Основното јавно обвинителство Тетово поднела кривична пријава против четири лица во врска со вооружената престрелка и убиството што се случи на 10 август 2025 година во Тетово.
„Против Р.Т. од Тетово, кој беше повреден во престрелката и сместен во медицинска установа во Скопје за укажување на помош, и против 15-годишник од село Гајре, тетовско, кој беше лишен од слобода на 11 август 2025 во село Гајре, поради основи на сомнение дека сториле кривично дело убиство, потоа кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи и кривично дело тешки дела против општата сигурност. Против М.Т. од Тетово и З.М. од село Гајре поради основи на сомнение дека сториле кривично дело убиство во обид, потоа кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи и кривично дело тешки дела против општата сигурност“, се наведува во соопштението.
На улицата „Благоја Тоска“ во Тетово, како што информираат од МВР, Р.Т. и 15-годишникот со употреба на автоматски пушки лишиле од живот едно лице, а го довеле во опасност и животот и телото на други лица, вклучувајќи и еден од останатите осомничени. Со автоматските пушки тие испукале повеќе куршуми кон автомобил „голф“, со кои го погодиле сега покојниот, кој бил на возачкото седиште. Два проектили завршиле во градниот кош на совозачот кој здобил тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот. Еден проектил завршил во десната натколеница на дете родено 2012 година, кое се затекнало во непосредна близина.
Според соопштението, З.М. иако бил ранет од престрелката и уште едно лице извадиле пиштоли и почнале истовремено да пукаат кон возилото кое се оддалечувало и притоа погодиле друго лице кое се здобило со тешки телесни повреди, а куршуми завршиле и во возило на жена чија сигурност исто така била загрозена.
За сите осомничени од страна на надлежен судија е одредена мерка притвор од 30 дена. М.Т. и З.М. се во бегство и се преземаат мерки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода.






