недела, 13 април 2025

Крилото на Таравари одржува партиско собрание, премиерот вели Владата е стабилна

Алијанса за Албанците, крилото чиј лидер е Арбен Таравари, денеска одржува собрание на партијата. На дневен ред меѓудругото е и актуелната политичка состојба во државата, а ќе се дискутира и за локалните избори 2025 година. Според Таравари, случувањата во овој момент во политиката се динамични и треба да се носат разумни одлуки. Во исто време премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да ги коментира информациите дека Таравари ќе ја напушти коалицијата Вреди и изјави дека Владата е стабилна и дека мнозинството има чиста двотретинска поддршка во Собранието.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Според дневниот ред и статутот на Алијанса за Албанците, претседателот на партиското собрание Арбен Фетаи покрај формалностите за записникот од претходната седница и одлуката за исплата на членарина од страна на функционерите, на дневен ред ги стави уште и точките на кои ќе се дискутира за актуелна политичка состојба во државата, а ќе има и дискусија за локалните избори 2025 година. На дневниот ред е и усвојување на декларација за трагедијата во Кочани.

Случувањата во овој момент во политиката се динамични и треба да се носат разумни одлуки, рече Таравари пред почетокот на партиското собрание. Меѓу новостите беше и доаѓањето на Исен Шабани, актуелен градоначалник на општина Врапчиште кој доскоро беше и потпретседател на партијата во крилото на Зијадин Сеља.

На прашањето на новинарите околу коалицирањето со останатите партии на албанците во Македонија, Таравари рече дека се коалициски партнери.

„Ние сме дел од Вреди, ќе се трудиме до крај да најдеме решение, ако не сами ќе одиме на избори“, рече Таравари.

Тој потврди дека со Изет Меџити имале средба пред четири дена и дека разговорот бил конструктивен и траел речиси два часа. Тараври, исто така потврди дека имал и средба со лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети кога се сретнал со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.

„На таа срдба само се поздравивме, како што налага однесувањето во такви прилики. Јас со секој политичар би се поздравил освен со лидерот на Левица“, потенцира Таравари.

Исен Шабани одговорајќи на новинарски прашања за неговото присуство и можно кандидирање на претстојните избори рече дека планира да биде независен кандидат и да бара поддршка од крилото на Таравари.

Во исто време премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да ги коментира информациите дека Таравари ќе ја напушти коалицијата Вреди и изјави дека Владата е стабилна и дека мнозинството има чиста двотретинска поддршка во Собранието.

„Само би кажал дека Владата функционира обединето, единствено. Оваа Влада има неофицијално чиста дво-третинска поддршка во рамките на македонското Собрание, реално 78 пратеници ја поддржуваат“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Тетово.

Разбирам, рече Мицкоски, зошто е загриженоста на јавноста, но за разлика од минатото, мнозинството е стабилно.

„За разлика од минатото, кога секој ден на стаклени нозе висеше мнозинството, овојпат тоа е стабилно и треба да ја оставиме Владата да работи како што е досега“, порача Мицкоски.

Во однос на обвинувањата од ДУИ, Мицкоски порача дека „колку повеќе функционери од ДУИ се фатени во криминал додека ги вршеле функциите во минатото, толку повеќе ќе заострува нивната реторика “.

„Работиме и докажавме дека работиме неселективно и така и ќе продолжиме. За оваа Влада, на сите речиси 26 илјади квадратни километри, секој еден квадратен километар е важен, без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и останати. Без разлика, дале е градоначалник од Вреди, ВМРО-ДПМНЕ или ЗНАМ, или ДУИ, од СДСМ или некој независен, нашиот интерес се граѓаните“, изјави Мицкоски.

Изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека Албанците во земјава биле деградирани, Мицкоски ја оцени како безпредметна, бидејќи, како што рече, оваа Влада има толку многу успеси за сите граѓани.

„Ние не ги делиме така граѓаните, имаме мултиетничко општество, кое што треба да го негуваме и треба во таа насока и да продолжиме. Ние ги делиме граѓаните на оние кои се лојални, чесни и додаваат вредност, кои што ги почитуваат законите и Уставот и оние кои што не ги почитуваат и треба да одговраат пред истите тие закони и Устав. Нема тука етнички или политички поделби“, нагласи Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ