„Кратка средба со американскиот претседател Доналд Трамп, симболичен гест на почит и партнерство.
Остануваме посветени на сојузништвото со САД како наш клучен стратешки партнер во рамките на НАТО и пошироко“, напиша Сиљановска-Давкова на Фејсбук каде што се објавени и фотографии од средбата со Трамп на која присуствувал и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.
И Муцунски на својот фејсбук-профил ја прокоментира средбата: „Алијансата е посилна и поединствена, подготвена да одговори на современите безбедносни предизвици. Рамо до рамо со сојузниците – во одбрана на заедничките вредности, стабилноста и мирот“.
Претседателката Сиљановска-Давкова денеска се обрати на Состанокот на Северноатлантскиот совет, на Самитот во Хаг, каде што истакна дека „НАТО се соочува со бројни закани и за да се зачува мирот и безбедноста, потребна е колективна одбрана“.
Сиљановска-Давкова на Самитот на НАТО во Хаг ја предводи македонската делегација во која се министрите за надворешни работи и надворешна трговија и за одбрана, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.