Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање патна исправа, имајќи го предвид фактот дека во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека тој доброволно им се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, индиции поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Груби во истражниот затвор нема да преспие ниту една ноќ. „Се молат скопските обвинители деновиве доброволно да се пријават како доставувачи на храна за Груби преку Волт и Корпа, во случај тој да се сомнева во безбедноста на домашната храна“, се вели во една од многубројните реакции по социјалните мрежи на ваквата одлука на правосудните македонски органи на одлуката за куќен притвор.
Според законската постапка, во вакви случаи судот одлучува во рамките на предлогот што го доставува Јавното обвинителство, а не може да изрече построга мерка од побараната.
Од Кривичниот суд, како што се пренесува, било посочено дека одбраната поднела предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор, по што мислење било побарано од надлежното обвинителство. Обвинителството дало позитивен став, а јавниот обвинител и на расправата предложил поблага мерка, по што судот донел решение за куќен притвор со 24-часовен надзор. Покрај куќниот притвор, на Груби му биле определени и дополнителни мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и забрана за издавање нов документ за преминување на државната граница.
„Под итно треба да се озакони двоен правен систем, каде во првиот ешалон ќе бидат сместени ‘господа’ од политичката, бизнис, и другите криминални касти, а во втората јас, вие, НИЕ, обичните смртници, средна класа сиромаштија и остала боранија.
Бар правилата на игра ќе бидат јасни, знаеме дека ловењето на ‘големите трофејни риби’ е на ранг на спортски риболов по принципот фати-пушти, а ние другите ќе бидеме храна за големите и тоа е тоа. Системот веќе функционира само неговото официјално донесување ќе дојде добредојдено, како вазелин на тоа сурово дупење во здрав разум…“, реагираше на социјалните мрежи адвокатот Драган Пешевски.
Синоќа пред Основниот кривичен суд во Скопје, Артан Груби, без лисици на рацете во куќен притвор од неколкумина негови поддржувачи беше испратен со зборовите „О кинг, о шеф“!
Артан Груби вчера наутро во 6:10 часот се појави на граничниот премин Блаце на косовско-македонската граница, по што беше спроведен од полицијата. Од видеоснимката што беше објавена од неговото приведување се гледа како тој со качулка на главата и очила за сонце, со насмевка им ги подава рацете на полициските службеници, кои му ставаат лисици. Тој со црн шал ги покрива лисиците.
Груби е второосомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Првоосомничен во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, кој е во бегство.
А.Д.






