Повеќе од 12 години работи како адвокат и е специјализирана во семејно право и случаи поврзани со семејното насилство. Во својата професионална работа се залага за унапредување на заштитата на жртвите, поголема ефикасност на институциите и јакнење на правната свест за насилството врз жените и децата. Со неа во интервјуто зборуваме за тоа колку една жена треба да молчи или да пријави насилство, како и колку се институциите подготвени да ја заштитат жртвата. Нашата соговорничка советува дека секоја жртва треба да знае дека здравјето и животот се само еднаш и не се повторуваат, а во лош однос не се останува поради децата, туку се заминува поради нив.
Овие 16 дена активизам против родово-базирано насилство се одбележуваат во период кога земјата повторно е потресена од тешки случаи на насилство врз жени. Колку реално кампањите влијаат на свесноста и на намалување на насилството?
– Оваа година, за жал, 16-те дена активизам по повод борбата против родово-базираното насилство и семејното насилство ги дочекуваме броејќи ја 5-тата жртва и соочувајќи се со поразителни резултати од извештајот од Државниот завод за ревизија за постапување на институциите и исполнувањата на обврските преземени со ратификацијата на Истанбулската конвенција, во кој, меѓу другото, е утврдено дека за период по 2023 година не е донесена Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, како и тоа дека од 52 активности утврдени со акцискиот план само 22 се реализирани комплетно за период од 2023 година до денес.
Овие резултати од овој извештај, како и статистичките податоци за 2024 година, укажуваат дека семејното насилство и родово-базираното насилство се зголемуваат, поради недоволно посветување внимание и решителност кон неговото сузбивање. Како практичар што работи повеќе од 12 години на оваа материја, имам впечаток дека по ратификацијата на Инстанбулската конвенција и донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жената и семејното насилство, во последните неколку години како да не се обрнува доволно внимание на унапредувањето на законските решенија и механизмите за заштита на жртвите од родово-базираното насилство и семејното насилство.
Во практиката најголем проблем претставуваат пропустите при постапувањето на институциите, слабите казни, кои не ги плашат насилниците, пресудите во кои не се обрнува внимание кон жртвата и сторителот, погрешната практика жртвата и сторителот да се мират, а жената да не се заштити и дислоцира од насилната средина, поради што бројот на жртвите се зголемува секоја година.

Во последниов случај во Штип, каде што 79-годишна жена беше убиена од свој близок партнер, повторно слушаме дека насилството траело подолго време. Случајот со Росица, по кој следуваше и самоубиство на нејзиниот поранешен партнер, покажа дека жртвата претходно поднела пријави за насилство. Што најчесто се случува со тие пријави и каде се губи заштитата?
– Случаите во Велес и Штип ни покажуваат дека насилниците не се плашат да сторат семејно насилство увидувајќи дека системот и институциите не се посветени кон спречување и санкционирање на насилството. Насилниците наоѓајќи ги пропустите во Законот и постапките, се доаѓа до заклучок дека многу полесно пловат низ системот со прекривањето, повторувањето и неказнувањето на насилството отколку што жртвата наоѓа заштита.
Ова се гледа и од фактот што и во случајот во Велес и Штип насилствата биле пријавувани, па дури и изрекувани мерки за заштита во случајот во Велес, но насилството се повторувало. Се повторувало бидејќи со изрекување на мерките за заштита жртвата е оставена самата на себе. Не постојат механизми за проверка и обезбедување на заштита од сторителот. Жртвата постојано е одбивана за пријава и помош под убедување дека е доволно само опомена на насилникот, се прават обиди да се смири со насилникот и ѝ се вршат притисоци да ја повлече пријавата. Казните се најчесто условни, мерките се изрекуваат паушално без реален увид во состојбата и сериозноста на насилството, како и можноста од негово повторување.
Согласно со досегашната практика со повторувањето и експанзијата на оваа појава црвен аларм треба да е секогаш кога една жртва ќе пријави ист насилник втор пат или ист насилник ќе биде пријавен од две жртви. Тоа треба да укаже дека или институциите затаиле и погрешно постапиле или насилникот не е доволно третиран институционално како со казна, така и со третмани за негово лечење. Ова го покажа и искуството со случајот во Велес, каде што иако жртвата го пријавувала насилството, тоа продолжувало бидејќи институционално сторителот не бил санкциониран и реинтегриран. Не му била изречена казна, која би го одвратила лично од повторување, не бил подлегнат на третман, па дури и не било обрнато внимание на тоа што ист сторител бил пријавуван од повеќе жртви.
А напуштањето, дали тоа ги разгневува насилниците?
– Најголемиот гнев и порив да се повреди жртвата се создава кај насилникот кога жртвата сака да го напушти. Во овој процес треба механизмите за заштита да се на високо ниво и итно и решително да се интервенира жртвата да се заштити, а насилникот спречи да дејствува. Секое прекршување на Закон и од страна на насилникот, но и од страна на институциите да биде казнето строго, што ќе делува на насилникот да не го повтори делото, но и да служи како поука и за другите да не се осмелуваат да сторат насилство.

Неводењето евиденција за сторителите, нивен третман, несоодветно казнување, незаштита на жртвата од аспект на обезбедување на сместување надвор од насилната средина и помош за адаптација самостојно во општеството, па и немање ефикасно решение за сместување на сторителот по неговото отстранување од домот со решение, доведува насилството да се повторува, а жртвата со тоа што нема каде да замине и да биде заштитена, останува да му биде достапна на сторителот, кој доколку е отстранет од домот, а при тоа немал каде да оди, ѝ се враќа уште погневен на жртвата.
Законската мерка за оддалечување на сторителот од домот е една од клучните заштитни мерки. Според Вашето искуство, дали таа функционира или понекогаш создава уште поголем ризик за жената?
– Сѐ почесто во практиката се соочуваме со прекршување на мерките на оддалечување на сторителот од домот и општо на мерките за заштита од семејно насилство бидејќи не постојат механизми на проверка и засилен надзор по изрекувањето.
Институциите по првото пријавување губат интерес за заштита на жртвата бидејќи немаат стимуланс за решавање на оваа проблематика, која е комплицирана, стресна и опасна. Ова од причина што насилниците се опасни и за жртвата и за институциите ако не се третираат и ако не се казнат соодветно, строго.
Таков случај е тој со долгогодишниот семеен насилник во Прилеп, кој со огнено оружје пукаше во просториите на ЦСР Прилеп, кој иако долгогодишен насилник и со историја на алкохолизам поседувал оружје кое не смеело да му биде достапно, а лечењето требало да биде завршено успешно пред да биде пуштен. Во случајот кај Росица освен насилството врз неа, сторителот имал и други кривични дела и насилство врз таткото на Росица, но не бил соодветно казнет и спречен иако бил опасен.
А што е со висината на казните, кои повеќе се алтернативни отколку затворски?
– Изрекувањето на мерките или казните само по себе нема ефект ако не го заплашат и превоспитаат сторителот, па како што условната осуда сѐ почесто делува врз сторителот како заканување со показалецот бидејќи тој е сигурен дека и ако ја прекрши, пак ќе му биде изречена условна осуда, така е сигурен дека судските постапки се бавни и доаѓа до застарување.
Застарувањето и бавното водење на судските постапки, каде што на пример се губат и по неколку месеци кога ќе има жалба, создаваат вакуум во кој може да настане опасност за жртвата.

– Од искуство во еден предмет со насилник што повеќе години врши насилство врз поранешната сопруга се соочив со неприменување на законските одредби за изрекување на мерките поради опасност од повторување на насилството, иако ова е предвидено во Закон, па судот донесе две пресуди со одбивање на мерките како неосновани за Апелацискиот суд по втор пат да ја преиначи пресудата.
Согласно со ова искуство, сметам дека овие постапки треба да бидат итни и скратени, па доколку биде вложена жалба, Апелацискиот суд треба мериторно да одлучи без да го враќа предметот на повторно постапување на првостепениот суд.
Ни треба ли повеќе изрекување мерка притвор?
– Потребно е и да се изврши законска адаптација и за кривичните дела при вршење семејно насилство да може да биде изрекувана мерка притвор и поради страв од повторување на делото бидејќи се утврди дека насилникот во најголем број случаи го повторува насилството како резултат на реваншизам што жртвата пријавила.
Што е со фемицидот, колку тоа што го имаме во КЗ е добро и позитивно за правниот систем, но и за заштита на жртвите?
– За жал, како општество што од неодамна се соочува со фемицидот сѐ уште немаме сенс за спецификата на ова дело, па многу често жртвата е таа што се поставува под прашалник дали таа го предизвикала сторителот. Нагласувам и дека институциите треба да имаат превид дека со утврдувањето дека постоело семејно насилство не смее да се бара придонес на жртвата, бидејќи таа не може да придонесе со ништо да не се чувствува безбедно во својот дом и да доживее насилство од член на своето семејство на кој му верува безусловно.
Исто така, институциите не смеат да ги помируваат насилникот и жртвата, иако се брачни партнери што и понатаму ќе останат во брак, туку треба да одат кон казнување на сторителот за да не го повтори насилството иако останува во брак со жртвата. Помирувањето на жртвата со насилникот е многу честа појава иако строго е забрането со одредбите на Инстанбулската конвенција.
Кои се најчестите грешки што ги прават жртвите, а и системот, во моментите кога жената се обидува да го напушти насилниот партнер?
– При напуштање на жртвата на токсичната средина и насилникот сите институции учесници во процесот на заштита на жртвата треба да имаат предвид дека жртвата чувствува огромен страв, кој ја парализира и ја враќа наназад во процесот, па треба да ѝ се пружи поддршка за надминување на стравот со ефикасна заштита од насилникот, сместување на сигурна локација и материјална и финансиска помош на жртвата, а најважно помагање жртвата да се осамостои, да најде вработување и место на живеење, а исто така многу важно е да добие соодветен и ефикасен психолошки третман со кој ќе може да ја надмине траумата од насилството.
Од друга страна, попусто е да се третира жртвата на најдобар можен начин ако не се работи со сторителот. Ако жртвата се заштити, а сторителот остане ист, тој ќе најде друга жртва и само ќе се смени жртвата, но нема да се намали насилството. Во моментот постапката за третирање на насилниците согласно со моето мислење е комплицирана бидејќи сторителите се испраќаат на третман на две места во земјава, што за помалите средини е комплицирано и недостапно.
Од аспект на адвокат што секојдневно се соочува со вакви случаи – што најпрво би промениле во системот, ако утре можеше да се направи една итна реформа?
– Кога би можела веднаш нешто да сменам за подобрување на ефикасноста во справувањето со семејното и родово-базираното насилство, би ги направила промените што ги наведов како нови законски решенија, но исто така би работела и на воведување механизам за награда и санкционирање на претставниците на институциите, кои од која било причина ќе постапуваат пристрасно со предрасуди и спротивно на законот, но и со наградување и бонуси во подобрување на интересот за справување со оваа појава, која ги заплашува и создава ризик на претставниците на институциите.
Сите претставници на институции треба да изградат еден начин на постапување без привилегии и предрасуди, па со тоа изедначување ќе се создаде практика да се постапува со внимание и еднаквост, особено од страв дека доколку некој од претставниците на институциите ќе се најде во состојба да бара помош, да не биде привилегиран или одбиен како воспоставена практика.
А самостојноста на жените дали е важен фактор за заштита од семејно насилство?
– Да. Согласно со досегашната практика, сметам дека треба да се подигне свеста кај жените да се осамостојат и бракот и врските да бидат на доброволна основа, а не однос на потчинетост, за секогаш да имаат услови да ја напуштат насилната средина, па со помош на механизми и помош од државата да застанат на нозе и да не се вратат назад.
Како да го подобриме односот меѓу институциите – полиција, центри за социјална работа, обвинителство и судови – за да не дозволиме повеќе случаи во кои жената бара помош, а сепак останува незаштитена?
– Најважно во борбата со справување со оваа девијантна појава на едно општество е да се има стратегија за постапување и никако не смее да се занемарува потребата да се учи од искуствата во практиката. Освен конкретни чекори, потребно е да се едуцираат младите за подигање на свеста за формирање здрави партнерски односи и свесност за самостојност и интегритет.
Катерина Додевска






