вторник, 7 април 2026

Костадиновски – Савески: Владеењето на правото бара дела, не декларации

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денска остварил работна средба со Републичкиот јавниот обвинител, Ненад Савески. На средбата биле разменети мислења и информации за состојбите во правосудниот систем и владеењето на правото, како и за улогата и одговорностите на двете институции во насока на нивно унапредување и градење функционална правна држава, информираа од Уставниот суд и Јавното обвинителство.

Објавено на

часот

Сподели

Соговорниците ја истакнале важноста од обезбедување максимална независност и самостојност на правосудните органи, како суштински предуслов за владеење на правото.

Претседателот Костадиновски нагласил дека политиката и државните органи треба да покажат повисока уставна, правна и политичка култура и да се воздржат од какви било влијанија и притисоци врз правосудството. Тој посочил дека транспарентноста е еден од клучните приоритети на Судот, при што воведувањето на јавно емитување на седниците претставува значаен чекор кон поголема отвореност и отчетност.

„Обидите за политизација и етнизација на работата на Уставниот суд и на било кој правосуден орган, како и креирањето перцепција за недоверба во институциите, претставуваат директен удар врз демократијата. Крајно време е политиката да ги тргне рацете од правосудниот систем, а правосудниот систем да испорача конкретни резултати“, истакнал Костадиновски.

Јавниот обвинител Савески потенцирал дека без јасна одговорност и мерливи резултати не може да се говори за вистинско владеење на правото. Тој додал дека транспарентноста е неопходен предуслов за зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.

„Јавното обвинителство останува цврсто посветено на доследно, навремено и непристрасно постапување, но истовремено е неопходно сите институции да преземат активна улога и да придонесат кон создавање систем што дава резултати. Недовербата во правосудството може да се надмине само преку конкретни постапки, професионален интегритет и видлива отчетност. Владеењето на правото не е декларативна определба, туку обврска која бара континуирана и одговорна акција“, истакнал Савески.

На средбата, претседателот на Уставниот суд го информирал државниот јавен обвинител и за остварените работни средби во Атина, како и за можностите за понатамошна соработка, размена на искуства и поддршка на заеднички иницијативи, особено во пресрет на претседавањето на Грција со Европската Унија во 2027 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ