понеделник, 8 декември 2025

Костадинов тврди дека набавката на електрични автобуси во Струмица е законска

Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во Струмица, објави поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, на неговиот Фејсбук-профил.

Објавено на

часот

Сподели

Според него, проектот од стратешко значење за општина Струмица, од кој денес во пракса сите жители на општината имаат јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити, процедурално е инициран од Општината, изгласан на Советот на Општина Струмица со јасни насоки за формирање јавно сообраќајно претпријатие, спроведување на јавна набавка за автобуси и имплементација на проектот.

„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за коишто постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции, со цел да им биде елаборирано и појаснето на каков начин е спроведен овој проект кој денес беспрекорно функционира во пракса“, напиша Костадинов откако денеска од МВР беше соопштено дека му е поднесена кривична пријава за набавката на електричните автобуси.

На крајот Костадинов додава дека не би сакал да дава политички коментар.

МВР денеска поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник Костадинов и уште пет лица за злоупотреба на постапка за јавна набавка за електрични автобуси.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ