„На почетокот бев збунет, не знаев што се случува. Мислев дека е тепачка, но потоа кога почна да излегува густ црн чад, сфатив дека е пожар. Нe бев сам, имаше и други херои кои помагаа таму“, раскажува Јован за МИА.
Вели дека таа вечер нема да ја заборави до крајот на животот и дека во тој момент не мислел на сопствениот живот, туку на тоа да спаси што повеќе луѓе.
„Беше полошо од хорор филм. Нема да ја заборавам таа вечер до крајот на мојот живот. Во тој момент не мислиш на ништо друго, не размислуваш на тоа дека можеш да го изгубиш сопствениот живот, само гледаш да помогнеш, тогаш не ја гледаш опасноста. Во тие моменти има голем адреналин кај сите и не размислуваш за сопствениот живот“, вели младиот Јован, кој е матурант во училиштето Ванчо Прќе во Виница.
Меѓу повредените беше и Јелена Арменска од Берово која успеала да се спаси со помош на Јован. Таа неодамна се врати од лекувањето во Шпанија и раскажа за кобната вечер, за херојството на нејзиниот другар, како и за помошта од полицајците и обезбедувањето на клубот.
„Се спасив благодарение на Јован. За среќа имало Господ, јас и моите две другарки се вративме живи и здрави. Хероите беа таму, пожарникарите и обезбедувањето цело време се трудеа“, се сеќава Арменска на кобната ноќ.
Таа првично била однесена во комлексот клиники Мајка Тереза во Скопје, а оттаму нејзиното лекување продолжува во болницата Ла Паз во Шпанија каде останала една недела.
„Првите 10 минути бев свесна, потоа се онесвестив. Бев однесена на Токсикологија, па потоа на Карил, а од таму заминав во болницата Ла Паз во Шпанија каде бев една недела. Таму беше страшно, имаше повредени на кои има беше направена пластична операција“, раскажува Арменска.
Таа изрази благодарност до сите кои помогнале нејзината голгота да помине што полесно.