вторник, 1 април 2025

Коста Шапков пред 25 години беше првиот пациент на Жан Митрев

На 1 март 2000 година тогаш 55-годишниот машинобравар од Кочани Коста Шапков беше првиот пациент во првата приватна кардиохирургија на д-р Жан Митрев. Врз него беше изведена првата бајпас операција во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Некој морал да биде прв. Ете, мене така ми се погоди. Не се надевав дека со мене и моето име ќе се испише историјата“, рече Шапков.

И основачот на клиниката, д-р Жан Митрев, овој датум ќе го памети вечно, бидејќи тогаш се ставија темелите на тогашната специјална болница по хируршки болести „Филип втори“, која подоцна прерасна во клиника „Жан Митрев“, а тој ја изведе првата бајпас операција. Зафатот траеше повеќе од четири часа и заврши успешно, а во една прилика, Митрев изјави дека оваа операција била неговата најтешка, опишувајќи ја како „операција на духовното срце на Македонија“ и реализација на една визија, означувајќи нова ера во македонската кардиоваскуларна хирургија.

Кочанчанецот Шапков во далечната 2000 година почувствувал болка во градите, веднаш се упатил во болница и бил препратен во Скопје. На скопската клиника му било кажано дека таква интервенција не може да се направи и како опција му била препорачана Бугарија.„Таму јас не можев да одам, а веќе имав чуено за д-р Жан Митрев и сакав да се оперирам кај него. И по некое време навистина добив телефонски повик, да дојдам и да почнам со испитувањата. Кога дојде д-р Жан Митрев, ми рече, Коста, тебе прв ќе те оперираме, работата е критична. Јас реков оперирајте, мора некој да биде прв“, раскажа Шапков.

Поминаа 25 години, а клиниката „Жан Митрев“ се етаблира како лидер во медицинската иновација и врвната здравствена нега во регионот.

Во 2002 година, клиниката ја изведе првата операција на отворено срце врз буден пациент, што исто така претставуваше значителен напредок во медицинската пракса.

Продолжија да се бројат успесите, иновациите и воведувањето нови напредни медицински технологии. Годинава, клиниката „Жан Митрев“ одбележува 25 години постоење, а срцето на првиот пациент сѐ уште силно чука, како сведок на почетокот на првото отворање на вратите на хируршките сали кои ќе ја сменат иднината на кардиоваскуларната хирургија во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ