петок, 12 декември 2025

Косово забранува хиџаб во образованието, во Македонија – нема ограничувања

Законската регулатива во образованието во Македонија не го ограничува носењето на хиџаб во училиштата и до овој момент не е иницирана дискусија за промена на законите. Облекувањето на учениците и наставниците за време на настава го регулираат самите училишта со изработка и усвојување на кодекс преку органите на управување и одлучување, велат од Министерството за образование и наука на Македонија, на прашањето од Мкд.мк за практиката за носење марами на училиште од ученички од исламска вероисповед.

Објавено на

часот

Сподели

Во контекст на актуелен случај од неодамна завршен судски предмет во Косово, на слична тема, македонската практика е особено либерална, но истовремено контрадикторна во смисла на градење заедништво, еднаквост и рамноправност меѓу учениците во образованието во секуларна држава .

Имено, неодамна Врховниот суд на Косово ја потврди одлуката за забрана на носење хиџаб во училиштата, сметајќи дека е во согласност со кодексот на облекување утврден од Министерството за образование, наука, технологија и иновации. Судот ја отфрли тужбата поднесена против одлуката од Мрежата за професионален развој на жените Арита.

Организацијата Арита тврди дека забраната за носење шамија во јавните образовни институции е неоснована и претставува облик на дискриминација. Во нивната тужба се наведува дека бројни девојки биле исклучени од училиштата или им било забрането да посетуваат настава во текот на изминатите четири години само затоа што носеле шамија.

По жалбите од средношколките, Арита поднесе жалба до Врховниот суд барајќи поништување на спорната одлука. Сепак, судот ја отфрли жалбата, тврдејќи дека Министерството за образование има законско овластување да ги утврди правилата на однесување и кодексот на облекување за учениците, во согласност со Законот за предуниверзитетско образование и Законот за стручно образование и обука.

Забраната за носење шамија во училиштата предизвикува жестоки дебати во Косово со години, каде што околу 92 проценти од населението се муслимани.

Сепак од македонското Министерството за образование и наука нагласуваат дека се фокусирааат на други приорити, а расправите за кодекс на облекување во училиштата само би ги дефокусирале од тие поставени цели.

„ Министерството за образование и наука се фокусира на дискусија за квалитетот на образованието и на спроведување конкретни активности од програмата за работа, како и на развој на нови решенија кои ќе ги подобрат знаењата и вештините на младите генерации, за да се доближиме до просекот кој на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС го остваруваат учениците од земјите членки на ОЕЦД“, велат од МОН.

Терминот хиџаб се однесува на вел или шамија која ја носат некои жени со исламска вероисповед и на конзервативно облекување на жени во исламот воопшто. Буквално овој арапски збор се преведува како завеса или покривање. Шеријатот го дефинира овој начин на облекување како покривање на целото тело, освен за лицето и дланките. Исламските училиштата му даваат на хиџабот поширока симболика и значење претставувајќи го како симбол на скромност, приватност и морал. Постојат различни ставови за хиџабот. Додека во земји како што се Иран и Саудиска Арабија, се бара од муслиманките да го носат во јавноста, во училиштата во Франција и во Турција е забранет.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ