„Овие земји се во срцето на Европа и се дел од иднината на Европа. Во наредните години, мора да ја подготвиме Унијата за проширување – преку реформи, буџетски прилагодувања и зајакнато управување. Проширувањето нема да биде лесно. Но, ќе вреди. Тоа е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме – да ги помириме нациите и историите и да изградиме пообединет континент. Ќе продолжиме да соработуваме со сите партнери во пристапувањето и ќе го искористиме овој позитивен моментум за проширувањето“, истакна Кошта.
Тој нагласи дека Планот на ЕУ за раст за Западен Балкан е потенцијална пресвртница која нуди финансиска поддршка и стимулации за реформи, регионална соработка и економска интеграција.
„Не смееме да го изгубиме овој моментум. Сите лидери мора да го дадат својот удел. Сите страни мора да преземат одговорност. Бидејќи не станува збор за географија. Станува збор за вредности – демократија, човекови права, слобода и владеење на правото“, рече Кошта.
Претседателот на Европскиот совет нагласи дека проширување претставува значаен предизвик за Европската Унија и нејзините земји членки, но тоа е уште поголем предизвик за државите од Западниот Балкан.
„Најголемиот проблем не се потребните реформи или преговорите за различни поглавја и кластери. Вистинскиот предизвик лежи во усвојувањето на нов културен начин на размислување: надминување на историските конфликти, со цел да се изгради заедничка иднина“, истакна Кошта.






