понеделник, 2 јуни 2025

Кошта (не) ги разбира фрустрациите на Македонија за ЕУ – Мицкоски не отстапува од барањето гаранции од Унијата пред уставните измени

Се надевам дека во периодот којшто следи заеднички ќе го одблокираме овој процес, достоинствено, бидејќи една од суштинските европски вредности е токму достоинството. Претседателот Кошта кажа дека патот до полноправно членство во рамките на ЕУ е фрустрирачки, тежок и предизвикувачки, но ние како народ можеме да кажеме дека со години го одиме најтешкиот пат. Факт е дека тој пат го одеа и другите народи коишто сега се дел од европското семејство, но граѓаните на оваа, една од најмалкубројните земји во срцето на Балканот и во Европа, го одеа и го одат најтешкиот пат ако може да се каже дека го одат бидејќи се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 20 години, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски нагласи дека нашата посветеност во процесот на евроинтеграции ќе остане и ќе се засили во периодот кој што следува, затоа што, посочи, „веруваме дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство“, нагласувајќи дека евроинтегративниот процес се темели на вредности, не на билатерални прашања.

„Во оваа нова етапа, кога граѓаните ја препуштија одговорноста на новата македонска влада, моја обврска како премиер е да зборувам  отворено, искрено и достоинствено. Тоа го правам првенствено затоа што имам должноста кон народот, но и кон самата европска идеја што толку упорно настојуваме да ја реализираме. И достоинствени ќе бидеме дел од европското семејство. Јас сум убеден дека имаме вредности, имаме капацитет, имаме знаење и знаеме како да го изодиме тој пат на најбрз начин, а со помошта која што лично ја дава претседателот Кошта и поддршката и помошта која што ја имаме и од Европската комисија и од земјите членки, сигурен сум дека ќе направиме квалитетни реформи и реформи кои што ќе обезбедат европска иднина за нашата држава и за нашите граѓани“, истакна Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање дали ќе се остварат разговори со бугарската страна, Мицкоски рече дека е подготвен во било кое време да разговара за решавање на проблемот.

„Што се однесува до разговори со нашиот источен сосед, ќе ве потсетам, веќе претседателката имаше на ниво на претседатели неколку состаноци со нејзиниот колега од Бугарија. Така што, не е само состанокот на министерско ниво, а јас сум подготвен во кое било време, и таа подготвеност му ја пренесов на претседателот Кошта да дојдам во Брисел, дали во негово присуство, во присуство на претседателката Фон дер Лајен, да седиме и разговараме било кога и било колку да треба за да дојдеме до заедничко решение како и двете страни да испорачаат“, рече Мицкоски.

Премиерот потсети дека Кошта го пренел она што е став на ЕУ, додека Владата го пренела веќе познатиот став, односно не можеме да менуваме Устав, без да видиме јасна испорака од другата страна.

„Господинот Кошта го пренесе она што е став на ЕУ. Предлогот во 2022 година, потпишан и прифатен од претходната Влада на СДСМ и ДУИ, така што се суспендираше парламентот затоа што за да се случи промена на Устав се потребни две третини. И знаете на каков начин се прифати тоа што се прифати.
Нашиот став е јасен и принципиелен. Ние тоа не можеме да го прифатиме без да видиме добра волја испорака од соседната страна. Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и јасна испорака од другата страна, а тоа е бугарската страна. Никој кај нас нема проблем како дел од преамбулата да ги вметне да речеме, Хрватите, Црногорците, Словенците и останатите, затоа што имаме принципиелен однос со тие држави. Дури ни со Португалците, ни Шпанците, ни Французите, немаме таков проблем. Не сме ние таква влада, ниту такви граѓани, ниту таков народ. Но, да – имаме проблем и затоа сакаме да разговараме за да го решиме тој проблем. И ова е двонасочна улица“, кажа Мицкоски.

Сппоред премиерот, ако испорачува едната страна континуирано, а другата ништо, тогаш нема цел, но ако испорачаат и двете страни, а јасно е што треба да испорачаат втората страна, тогаш можеме да седнеме и да најдеме што би рекле заеедничка основа, односно да можеме да се договориме.

„Доста направивме ние како држава во името на тие европски интеграции, во името на европската иднина. Ќе ве потсетам – менувавме знамиња, менувавме име, менувавме Устав, како никој до сега. Затоа реков – да, фрустрирачки е патот и тежок. Но за нас е исклучително фрустрирачки и тежок и сè уште не почнал, уште се наоѓаме онаму каде што бевме пред 20 години“, порача премиерот/

Во однос на тоа дали ќе продолжи да бара одложена примена на уставните измени, или ќе се бара креативно толкување на преговарачката рамка и што би значело тоа, Мицкоски посочи дека нашиот став останува јасен и непроменет.

„А пораката што ја кажа претседателот Кошта е порака која ние ја слушаме долго време. И претпоставувам ќе ја слушаме, доколку немаме прогрес во процесот. Ќе повторам, и тогаш и денеска, јас сум на истиот став. Дека евроинтегративниот процес се темели на вредности, не на билатерални прашања. За жал, претходната влада прифати такво билатерално прашање да биде дел од нашата европска иднина. Јас тоа не можам да го прифтам. И нема никогаш да го прифатам и ќе се борам колку можам и додека можам. Да најдеме начин да излеземе од овој процес во којшто сме сега. Јас не можам да излезам и немам совест да излезам пред македонските граѓани, и да им кажам дека ќе биде променет Уставот, а притоа да заборавам дека најмалку 14 пресуди од Стразбур има за Македонците од другата страна на границата кои што Бугарија игнорира да ги примени“, истакна Мицкоски.

Не можам никогаш да се сложам на било што поврзано со промена на Уставот, продолжи премиерот, ако знам дека една земја-членка на ЕУ, сè уште го доведува под прашање мојот мајчин македонски јазик и мојот македонски идентитет.

“Кога ќе имаме јасна позиција, и од страна на ЕУ, и од страна на сите земји-членки околу многувековниот македонски идентитет, јазик, и околу вистинската желба да бидеме дел во европското семејство, но и почитување на европските институции, како што е Европскиот суд за човекови права, тогаш јас сум тука подготвен да разговарам во секое време за сè. Решавањето на проблемите е ако ги идентификуваме проблемите, а ако се држиме на формалности нема никогаш да ги решиме проблемите“, истакна Мицкоски на заедничката прес-конференција со Кошта.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски истакна дека процесот на евроинтергација на земјава се одвива многу долго и оти сега е време да се испорачаат резултати.  Македонија заврши многу работа и затоа треба да останете на тој правец.

„Македонија заврши многу работа и затоа треба да останете на тој правец. Пристапниот процес е повеќе маратон, а не брза трка, тоа е напорен процес што понекогаш може да фрустрира, како што се случило и со сите претходни кандидати. Но сите тие ја постигнаа целта, секако и вие ќе ја постигнете целта но со вашата решеност, напорна работа и соработка, ќе успеете на крај со заобиколување на пречките“, изјави претседателот на Европскиот совет.

Кошта истакна дека проширувањето на ЕУ е најдобра стратешка инвестиција во мир, стабилност што сите може да ја направиме. Тој ја поздрави работата на Владата во поглед на реформската агенда, и напредокот што веќе беше постигнат, нагласувајќи дека иднината на Македонија е во ЕУ.

„Го охрабрувам премиерот да ги вложи своите напори за да го овозможи натамошниот напредок. Може да сметате на нас, на ЕУ, затоа што ние ви стоиме на располагање подговтвени да ја искористите оваа динамика. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сакам да ја уважам и вашата усогласеност со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика“, потенцира Кошта.

На новинарско прашање дали ЕУ може да даде некакви гаранции и механизми со кои ќе може да се дадат тие гаранции и како целина. како и каде го гледа излезот или патот напред за земјата, повтори дека ја имаме поддршката од Брисел за да го одблокираме процесот и оти е време да се испорачаат резултати.

„Овој процес се одвиваше навистина премногу време, и сега време е да се испорачаат резултати. А за да се испорачаат резултати, треба истовремено да чекориме во две паралелни димензии. Се работи за конкретни резултати за Македонија, и за граѓаните на Македонија.Токму затоа реформската агенда е многу важна, Планот за раст е мошне важен и треба да ги конкретизираме инвестициите како коридор 8, модернизирање на коридор 10. Тие ќе дадат конкретни резултати за вашата земја и за вашите граѓани. Истовремено треба да се надмине овој процес на пристапување, а за тоа неопходно е да се спроведат одредени реформи, но исто така и да се испорача она што беше договорено во 2022 година. И, да, знам колку е тоа тешко“, истакна Кошта.

Уште еднаш повтори дека Македонија има направено огроми напори во минатото за да го придвижи напред процесот на пристапување и оти сега е време да се заклучи целата работа со следните чекори.

„Премиерот Мицкоски знае дека може да смета на мене, дека може да смета на ЕУ, за да го олесниме сето ова за конечно да отвориме нова страница и да се придвижиме напред. Тоа е причината поради која ја посетив Бугарија пред две недели. И кога прашувате какви гаранции имаме, јасно е дека она што е договорено е договорено и немаме веќе за што друго да се договараме. Сега треба да го испорачаме она за што сме се договориле и веќе нема простор да се бара нешто повеќе“, рече Кошта.

На новинарско прашање дали има план Б за тоа да се надминат барањата од страна на Бугарија, Кошта истакна дека не треба да се потценува планот А и треба да се фокусираме на негова испорака.

„Знаеме кои се Копенхашките критериуми, знаеме кои се претходните одлуки од страна на Европскиот совет, знаеме што беше договорено во 2022 година, и мора да го испорачаме тоа. Јас совршено добро сфаќам кога премиерот вели дека веќе е променето знамето, името на вашата држава, кога вели дека имало измени во Уставот, сето тоа го сфаќам. Сега треба да бидем сигурни дека никој нема да дојде и да побара нешто повеќе од она што претходно било договорено. И јас навистина се согласувам со него, она што е договорено, е договорено. И сега треба да испорачаме, не ни треба план Б. Треба да го испорачаме план А, што е во мојот фокус, а сигурен сум дека и премиерот Мицкоски е фокусиран на тоа и секако треба и другите 27 земји членки на ЕУ да бидат фокусирани на тоа“, рече Кошта.

Премиерот Мицкоски на покана на Кошта ќе го придружува на неговиот лет од Скопје до Тирана, каде што претседателот на Советот на ЕУ ќе приреди вечера за лидерите на Западен Балкан, додека утре ќе имаат состанок на Европската политичка заедница во Тирана.

Посетата на Кошта на Скопје е дел од неговата турнеја во Западен Балкан, во чии рамки претходно ги посети Сараево и Белград.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ