Министерот за здравство, Алиу истакна дека во рамките на одбележувањето на годишнината од трагедијата во Кочани, Владата организира неколку настани, меѓу кои и кошаркарскиот натпревар меѓу повредените млади луѓе, кои се лекуваа во земјата и во странство. Посочи дека идејата за спортскиот натпревар произлегува од младите, а е поддржана од директорката на Општата болница во Кочани и од Општината.
„За прв пат имаме спортски настан на кој што ќе бидат нашите граѓани по поминатиот трауматичен период. Задоволство е денеска да ги видиме на овој настан и морам да признаам дека е една од најдобрите активности што ги имаме деновиве, бидејќи ги гледаме сега и како спортисти“, вели Алиу.
Тој додаде дека Владата и државните институции мора да помогнат и да инвестираат во закрепнување на повредените млади луѓе од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Алиу вели дека државата е свесна за потребите на повредените млади луѓе.
Прашан дали и ова лето повредените ќе имаат рехабилитација во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи на планината Пониква, Алиу одговори дека одлуката ќе зависи од лекарите, експертите кои ја следат рехабилитацијата на повредените.

„Ние, како Министерство за здравство дефинитивно ќе поддржиме и ќе бидеме дел од стручните служби кои што даваат поддршка“, рече Алиу.
Прашан за резултатите од реевалуацијата на здравствената состојба на повредените, Алиу рече дека кога ќе заврши, Владата и министерството ќе мора да преземат чекори, а веќе дел од повредните ќе заминат во странски клинички центри за здравствени услуги коишто ги нема во нашите болници.
„За другите коишто ќе бидат во делот од нашиот здравствен систем, целиот протокол е направен и ќе бидат згрижени тука, кај нас. Знаете по вторпат се евалуира здравствената слика на повредните. Ќе продолжиме и понатаму, а сè со цел да се креираат нови и помодерни технологии и пристап за тие граѓани“, вели Алиу.
Директорката на Општата болница во Кочани, Катерина Паниќ-Мирчовска истакна дека на денешниот натпревар во кошарка повредените млади луѓе покажуваат што имаат постигнато во текот на рехабилитацијата, а кошарката е тимски спорт и работат и соработуваат како еден тим.
„Многу од нив се познаваат и во целиот процес се зближија. Голем дел од нив се и во публиката денес, а на нас ни е гордост како општество, институции што се живи, што продолжуваат во нивниот живот, што се враќаат на нивните секојдневни активности, особено на спортот. Со оглед на тоа дека имаат изгореници на рацете, тоа е еден вид на физикална терапија за нив“, рече Паниќ-Мирчевска.
Што се однесува за реевалуцијата на здравствената состојба на повредените од тимови на лекари специјалисти, Паниќ-Мирчовска рече дека тоа е процес којшто ќе продолжи и во наредниот период, а се прави на секои шест или седум месеци.
„Некои работат активно, во моментов тоа го прават дерматолозите, пулмолозите, секако не се заборавени и од хирурзите“, рече Паниќ-Мирчовска.
Таа истакна дека вчерашната меѓународна конференција е корисна, бидејќи се слушнале стручни мислиња од лекари – специјалисти од странски центри за изгореници.
„Во блиска иднина дел од нив ќе започнат со хируршките интервенции, оние на коишто нивните лузни им дозволуваат да се направат. Тоа се сложени лузни, сложени повреди и не треба да се брза. Секоја избрзана одлука може да значи и формирање на нова лузна и треба да бидеме претпазливи“, изјави Паниќ-Мирчевска.
Драган Давитковски, еден од повредените млади луѓе вели дека денеска го играат натпреварот и со цел да соберат средства за изградба на споменик за жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.






