„Министерот Трипуновски видно нервозен излезе на телевизија и наместо да понуди решение сам потврди дека ИПАРД е суспендиран– без да каже колкава е штетата, без да каже колку ќе трае проверката за корупција и криминал на неговите најблиски соработници, една од тие и негова посебна советничка“ вели Николовски.
Николовски предупредува дека се загрозени 130 милиони евра европски средства, пари што требало да донесат над 3.000 нови бизниси и 10.000 нови работни места.

„Овие пари не се бројка на хартија, тоа се грантови за реални луѓе, за млади земјоделци, за семејства кои вложиле сопствени средства и надеж дека државата и Европа стојат зад нив. Денес се изневерени“, истакнува Николовски.
Николовски го осуди и нападот на министерот врз претходните успешни програми што создадоа над 4.000 нови мали производители и илјадници семејства кои денес живеат од сопствен труд.
„Наместо да превземе одговорност, министерот нападна и претходни програми кои донесоа реални резултати, тој нападна над 4.000 нови мали производители, нови семејства кои денес живеат од сопствен труд. Програми што беа симбол на успех, сега се цел на безмислени критики… Јас денес понудив конкретни решенија, транспарентно и одговорно, за доброто на земјоделците и државата. Тој ги одби и избра да обвинува без никакви докази“, додаде Николовски.
„Мојата борба не е против никого лично, туку за секој земјоделец кој денес чувствува дека е изневерен. Нудам помош и конкретни решенија и ќе ги понудам и на неговиот наследник, на секој што мисли добро за државата,“ порачува Николовски од СДСМ.
На реакцијата на Николовски за случајот со проневерите со ИПАРД-програмата за земјоделците, возврати министерот Трипуновски на својот Фејсбук-профил.

„Љупчо Николовски очигледно не може да го разбере моето гостување во централниот дневник на ТВ Сител, каде јасно и прецизно за народот ја објаснив целата ситуација, но толку му е капацитетот. Умот го користи исклучиво за криминал и ширење страв и паника кај земјоделците“, вели Трипуновски.
Тој смета дека политичката кариера на Николовски е завршена, па со манипулации се обидува вештачки да се одржи во јавноста.
„Брзо заборави што им порачаа граѓаните на локалните избори пред скоро две недели. Со лаги и дезинформации не се владее.
И наместо да глуми загрижен, добро би било да повика ОЈО да започне да го истражува неговото незаконско работење како поранешен министер.
Повторувам, нема простор за загриженост. Брисел ја поздрави брзата реакција на Владата за истражување на случувањата во Агенцијата. Претходно СДС во опозиција кодошеа и ја кочеа Македонија надвор, но тоа сега не им успева.
Владата останува посветена на транспарентно и отчетно работење, спроведување на реформите, подобрување на условите за живот на граѓаните и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.
На крај би му препорачал – Љупчо ти текнува кога беше антикорупционер и врвно достигнување ти беше броењето на испиени чаши со вода на министрите, додека тоневте во криминал цела влада? Епа сега за разлика од претходно, се апси, нема повеќе наш и ваш. Принципот по кој владееше ти и владата на СДС, како до сега ЗАВРШИ. Навикни се, сега има закон, правила и прописи кои мора да се почитуваат. Секој што се огрешил пред законот и направил злоупотреба на службената позиција мора и ќе одговара“, реплицираше Трипуновски.






