Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефикасна имплементација на Инвестициската платформа. Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната енергетска транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и зголемена подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. Планот ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, тој ќе претставува стабилна основа за идните јавни и приватни инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чие усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на националните цели за декарбонизација.
Од Владата посочија дека овие активности не се изолирани реформи, туку меѓусебно поврзани чекори кои ја овозможуваат реализацијата на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Со тоа, уште еднаш е потврдена силната посветеност на праведната енергетска транзиција, при што JETIP се позиционира како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.






