петок, 5 декември 2025

Координација на управниот и надзорниот одбор на МЕПСО во МЕРМС – МЕПСО станува полноправен член на ЈАО

Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини првпат се одржа заеднички состанок со Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО – формат што обезбедува побрза, поефикасна координација во функционирањето на преносниот систем.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира ресорното министерство, министерката Сања Божиновска порача дека редовна координација е неопходна бидејќи МЕПСО како еден од клучните столбови за енергетската сигурност на државата мора да работи беспрекорно, со стабилна динамика на проектите и без одложувања.

„Во услови кога енергетската стабилност е приоритет на државата, од суштинско значење е преносната мрежа да се одржува континуирано, да се модернизира и да се развива во чекор со европските стандарди, со јасна стратегија и дневна оперативна дисциплина. Само со заедничка и навремена координација, заедно со управниот и надзорниот одбор можат да се надминат евентуалните застои кај клучните проекти, навремено да се решаваат административните пречки и да се обезбеди континуирана модернизација и одржување на преносната мрежа“, истакна Божиновска.

На состанокот, како што се наведува, се разгледаа клучните точки: напредокот и тековниот статус на големите инфраструктурни проекти што се во реализација, планирањето и приоритизацијата на нови стратешки проекти за зајакнување на мрежата и предизвиците во секојдневното работење и моделите за нивно надминување за поголема ефикасност и подобра оператива.

Од следната година, МЕПСО ќе стане полноправен член на Joint Allocation Office (JAO) – единствената европска платформа за аукции на прекугранични преносни капацитети.

„Со приклучувањето кон JAO, македонскиот системски оператор влегува во хармонизираниот европски модел за тргување со електрична енергија, спрема границите со Србија и Бугарија, додека со останатие соседи остануваме на регионалната платформа (ЦЕО). Ова членство ќе овозможи поефикасно управување со прекуграничните капацитети, поголема транспарентност и интеграција на македонскиот пазар во европските електроенергетски текови. Министерството ќе продолжи со редовна комуникација и координација со МЕПСО за да обезбеди стабилен, модерен и сигурен преносен систем, кој е основа на енергетската безбедност и развојот на државата“, се вели во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ