четврток, 12 март 2026

Контролорите без контрола, ДЗР утврди системски слабости во Инспекторатот што треба да го спречи дивото градење

Сериозни слабости во финансиското управување, организацијата на инспекцискиот надзор и постапувањето по претставки на граѓани утврдил Државен завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај за работењето на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам за 2024 година. Во конечниот ревизорски извештај, ревизорите утврдиле дека констатираните пропусти во финансиското работење се доволно значајни за да ја доведат во прашање точноста и целосноста на дел од финансиските и управните процеси на инспекторатот. Институцијата која треба да ја контролира законитоста на градбите и урбанистичките планови во државата, според ревизорите, се соочува со системски проблеми во сопственото работење.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизорскиот извештај на Државен завод за ревизија (ДЗР) открива сериозни слабости во работењето на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), проблеми со финансиската контрола, пропусти во организацијата на инспекцискиот надзор и недоволна отчетност за претставките на граѓаните.

Инспекциски надзор без јасна организација

Особено загрижувачки се наодите кои се однесуваат на инспекцискиот надзор во урбанизмот, клучната функција на институцијата.

Ревизорите утврдиле дека надзорот не е соодветно органзииран, што може да влијае врз ефикасноста на инспекторите на теренкои вршат надзор на примената на Законот за градење, на изградбата на градби од прва категорија, го контролира спроведувањето на урбанистичките планови, а врши надзор врз постапки за донесување урбанистички проекти.

„Од извршениот увид во документацијата и предметите од извршените инспекциски надзори ревизијата утврди дека од систематизирани 19 работни места за инспектори, во 2024 година спроведувањето на инспекцискиот надзор го вршат пет инспектори. Ревизијата истакнува дека во моментот на вршење на ревизијата, инспекцискиот надзор во областа на градежништвото се спроведува од страна на еден инспектор, кој до крај на 2025 година се стекнува со право на старосна пензија, со што ДИГУ останува без градежни инспектори. Од извршениот увид во 14 предмети каде општината се задолжува да преземе мерки за отстранување на утврдените неправилности, до моментот на вршење на ревизијата постапено е само по четири предмети. Со увид во 17 предмети за извршен инспекциски надзор од страна на ДИГУ, кај шест предмети се утврдени неправилности кои се однесуваат на бесправно изградени објекти. До моментот на вршење на ревизијата, од страна на општините постапено е само по четири предмети, а за еден предмет поради непреземени мерки од страна на овластениот градежен инспектор истиот е доставен до МВР за понатамошно постапување“, велат ревизорите.

„Недоволно организиран надзор може да значи поголем ризик од нелегално градење или незаконско спроведување на урбанистички планови“, наведуваат од ДЗР.

Нема извештаи за претставките на граѓаните

Ревизијата открила сериозни пропусти во постапувањето по претставките и предлозите на граѓаните. Според извештајот, не биле доставувани шестмесечни извештаи кои треба да покажат што презел инспекторатот во врска со поплаките на граѓаните. Овие извештаи се важен механизам за транспарентност, бидејќи преку нив јавноста и институциите можат да добијат увид во колку пријави за незаконско градење се поднесени, како постапувале инспекторите на терен и дали биле изречени мерки за диво градење. Нивното недоставување отвора сомнеж за недоволна отчетност во постапувањето по пријави од граѓани.

„Од извршениот увид во документацијата, ревизијата утврди дека и покрај тоа што е воспоставена евиденција согласно законски дефинираните услови, сепак ДИГУ не доставува извештаи на секои шест месеци до Министерството за јавна администрација и истото влијае на транспарентноста и можноста за следење на работењето на ДИГУ од страна на надлежните органи. Одговорните лица во ДИГУ и Министерството за транспорт да преземат мерки и активности за изготвување на шест месечни извештаи и нивно доставување до Министерството за јавна администрација“, препорачуваат ревизорите.

Проблеми со платите и финансиското управување

Ревизијата утврдила и слабости во пресметката и исплатата на платите на вработените. Иако извештајот не наведува конкретни злоупотреби, ревизорите укажуваат дека начинот на кој се спроведува пресметката на платите не е целосно усогласен со пропишаните процедури. Дополнително, во институцијата не биле назначени лица задолжени за финансиска контрола, што е една од основните алатки за спречување финансиски неправилности во јавниот сектор.

„Евидентните листови не се своерачно потпишани од страна на сите вработени, со што не се обезбедува потврда за нивно редовно присуство на работа, електронскиот систем за евиденција е користен само во период од ноември до декември 2024 година и истиот не дава точни податоци за присуството на вработените лица. Во текот на 2024 година не се преземени мерки за поведување на дисциплинска неуредност и дисциплинска одговорност за непочитување на работниот процес. Ваквата пракса во работењето не обезбедува доволен доказ дека исплатата на платата во ДИГУ за сите вработени лица се врши врз основа на реалноодработени часови и присуство на работното место“, пишува во извештајот на ДЗР.

Недостатокот на вакви контролни механизми, според ревизорите, укажува на слаб систем на внатрешна финансиска контрола.

Ревизорите бараат подобрување на системот

Дополнителен проблем кој го посочуваат ревизорите е слабата соработка и координација со други институции. Ова особено се однесува на процесите поврзани со претставки и поплаки, инспекциски постапки и спроведување на законските надлежности. Според ДЗР, недостатокот на координација може да доведе до ситуации во кои различни институции работат без доволна размена на информации, што ја намалува ефикасноста на системот.

Ревизорите потсетуваат дека слична ревизија била направена и во 2015 година.

Тогаш биле дадени шест препораки за подобрување на работењето. При проверката во 2018 година било утврдено дека четири препораки се спроведени, една е делумно спроведена, една сѐ уште е во процес на реализација. Иако дел од препораките биле реализирани, новата ревизија покажува дека системските слабости и натаму постојат.

Во меѓувреме, забележува ДЗР, законските измени го променија статусот на инспекторатот. Според новите законски решенија, институцијата повеќе не функционира како правно лице, туку како орган во состав на Министерството за транспорт. Ова значи дека Државниот инспекторат за градежништво има свој буџет со кој располага, но во рамки на министерството.

Поради сето ова, во извештајот се дадени препораки со цел надлежните лица да преземат мерки за подобрување на состојбите.

Меѓу нив се подобрување на системот на внатрешна контрола, воспоставување на финансиска контрола пред и по исплатите на обврските и платите, подобра организација на инспекцискиот надзор, редовно известување за претставките на граѓаните и подобрување на координацијата со други институции. Според ДЗР, одговорните лица во инспекторатот не доставиле забелешки на нацрт-извештајот што значи дека институцијата формално не ги оспорила ревизорските наоди.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ