понеделник, 15 декември 2025

Конкурси за стипендии за ученици во Математичко-информатичката гимназија и Спортската академија

Министерството за образование и наука објави конкурси за доделување стипендии на редовни ученици запишани во државните средни училишта – Математичко-информатичка гимназија и  Спортска академија во Скопје за учебната 2025/2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

Во двата конкурса се наведени условите и документите потребни за аплицирање за стипендија која, за учениците од двете училишта, е во месечен износ од 3.500 денари и ќе ја добиваат  девет месеци во текот на наредната учебна година.

Учениците кои ги исполнуваат условите од конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ Рокот за пријавување за стипендиите ќе биде од 3 до 20 октомври 2025.

Списоците со учениците кои ќе се стекнат со правото на стипендија ќе бидe објавен на 20 ноември 2025 година на веб-страницата на МОН (mon.gov.mk) и во двете средни училишта – Математичко-информатичка гимназија и Спортската академија, а сите кандидати ќе добијат решенија во врска со статусот на поднесените апликации на своите електронски профили на http://e-uslugi.mon.gov.mk

„Учениците кои ќе бидат незадоволни од резултатите од конкурсот имаат право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен. За малолетните ученици, жалбата треба да биде доставена преку нивниот законски застапник, во спротивно таа ќе се смета за неуредна“, се наведува во објавата на МОН.

Министерството за образование и наука минатата недела објави конкурси и за различни категории стипендии, за ученици и за студенти, за учебната 2025/2026 година.  Предвидена е поддршка за 7.880 ученици и студенти. Најмногу стипендии (1.570), соопшти МОН, се наменети за поддршка на учениците запишани во дуални паралелки во средно стручно образование.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ