Синоќа беа избрани и нови членови на Централниот и на Извршниот одбор. Во раководните структури на партијата влегуваат Соња Стаменкова, актуелна градоначалничка на Македонска Каменица, Слободан Чокревски, професор и поранешен носител на јавни функции, како и портпаролката на партијата Богданка Кузеска.
Централниот одбор го избра Андреј Жерновски за нов меѓународен секретар на партијата.
За втор организациски секретар на СДСМ е избран Зоран Трифуновски. На седницата беше донесена и одлука за распишување оглас за избор на претседател на Форумот на пензионери на СДСМ.
Венко Филипче, претседателот на партијата, ја презентираше новата предлог платформа на СДСМ од која ќе произлезе новата програма на партијата. Преку инклузивен процес и широка дебата со членството и граѓаните ќе биде подготвена финалната верзија на програмата која ќе биде презентирана и усвоена на програмскиот Конгрес на СДСМ, велат од партијата.






