Со денешната одлука, како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, влијанието на крајната цена на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во просек ќе биде од 1 до 1,2 проценти. Влијанието, пак, на крајната цена за пренос на електрична енерија е четири проценти, за дистрибуција на електрична енергија е 33 проценти, а влијанието на операторот за пазар на електрична енергија е 0,19 проценти. Со тоа вкупно во делот каде што има влијание РКЕ на цената на електричната енергија има намалување од 37 проценти врз крајната цена.
„Овие одлуки обезбедуваат компаниите да си ги покријат своите трошоци, да ги реализираат одобрените инвестиции и да си ги покријат трошоците за набавка на загуби на електрична енергија во соодветната мрежа. При носењето на овие одлуки за пренос на електрична енергија преку факторот за корекција одземени се 7,1 милион евра кои копмпанијата ги остварила во 2024 година повеќе од тоа што било одобрено од РКЕ, а во Електродистрибуција одземни се 16,3 милиони евра“, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Намалувањата што ги донесе РКЕ, како што потенцира, ќе бидат пресметани при определувањето на цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за домаќинствата и за малите потрошувачи. Очекува во текот на наредната недела ЕВН Хоум да достави пресметки до РКЕ, кои РКЕ ќе треба да ги провери дали е имплементирана тарифниот систем и врз основа на тоа ЕВН Хоум да донесе одлука за цената на електричната енергија од 1 јануари 2026 година на регулираниот пазар.
„Со денешната одлука на РКЕ, сите елементи кои ја сочинуваат крајната цена се познати, цена и количина по која е набавена електричната енергија, услугите на мрежните оператори, затворени се и набавките за загуби. Сега останува универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, под наш надзор да направи пресметка и да се објават финалните цени по блокови. Делот што РКЕ го регулира во крајната цена има влијание од околу 36 проценти“, потенцира Бислимоски.
Сѐ уште како што рече, не може да се каже колкава ќе биде крајната цена на електричната енеригија што ќе ја плаќаат потрошувачите по 1 јануари, бидејќи треба да се направат пресметките од ЕВН Хоум во делот на снабдувањето и додаде дека покрај количинте на електрична енергија кои универзалниот снабдувач ги обезбедува од ЕСМ според Законот за енергетика треба да откупи и соодветен процент и од повластените произведители на електрична енергија кои вообичаено на годишно ниво се од 250 до 260 милиони киловат часови. За тоа, посочи, само ЕВН Хоум ги има податоците. Плус треба да се примени маржата на сите пресметковни елементи.
„Во моментот кога ЕВН Хоум ќе ги достави пресметки ќе дадеме точни и прецизни информации, а сега не би сакале да шпекулираме, бидејќи има фактори на кои ние не им ги знаеме цените, особено во делот на повластените производители“, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање и прецизира дека токму ЕВН Хоум на граѓантие ќе им ја соопшти новата цена на струјата.
Прашан дали од 1 јанари ќе има зголемување на периодот на евтина тарифа на струја во текот на денот, рече дека може, но ќе треба од 22 часот да се помести од полноќ почетокот на евтината тарфа во текот на ноќта.
„Нашите анализи се завршени и се покажува дека може да се воведе евтина тарифа во текот на денот кога се и најниски цените на електричната енергија на пазарот, но по 22 часот има екстремно високи цени. Затоа доколку нешто се воведе во текот на денот евтината тарифа во текот на ноќта не би започнувала во 22 часот, туку на полноќ. Станува збор за навики кај домаќинствата што се стекнати со години поради што во нарендиот период ќе видиме што ќе преземеме по ова прашање“, рече Бислимоски и додаде дека само кај нас и во делот на Федерацијата на Босна и Херцеговина без Република Српска има евтина дневна тарифа.
Според досега јавно достапните информации за сите потребни параметри за пресметка, струјата ќе поскапи, но не повеќе од четири отсто.
Во меѓувреме, Министерството за енергетика ги објави домаќинствата кои ќе добијат државна помош за плаќање на сметките за струја. Министерството информира дека е завршена постапката за обработка, евалуација и верификација на сите пристигнати пријави за финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. По деталните проверки спроведени од комисиите и вкрстувањето на податоците со надлежните институции, јавно e објавен списокот на сите лица и домаќинства кои се стекнаа со право на субвенција.
Решенија за финансиска поддршка, како што посочуваат од Министерството, се донесени за домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост, домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица и домаќинства со едно или повеќе потполлно глуви лица.
Комисиите ја завршиле постапката на увид и проверка во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Согласно резултатите, утврдени се корисниците кои ги исполнуваат критериумите предвидени со Програмата, при што субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување на сметката за електрична енергија во износ од 1.000 денари, во траење од 12 месеци сметано од денот на поднесување на барањето.
Објавениот список е достапен на веб-страницата на Министерството за енергетика – https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/za-potrosuvacka-na-energija
Од Министерството потсетуваат дека неплаќање на две последователни сметки за електрична енергија доведува до укинување на решението за финансиска поддршка, согласно правилата на Програмата.
„Финансиската поддршка се распределува според принципот најниски приходи и согласно определените буџетски средства. Програмата за 2025 година, која обезбедува вкупно 42.300.000 денари државна поддршка, има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за домаќинствата кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително, мерките опфаќаат и ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно отстранување на дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период“, се наведува во соопштението.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како што се додава во соопштението, останува целосно посветено на унапредување на енергетската сигурност и социјалната заштита на граѓаните.






