Според информациите, по поднесен обвинителен акт од Основно јавно обвинителство Гевгелија, против обвинетиот се води постапка за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
„Предметот во судот е заведен под ознаката К-181/25. Првото рочиште за главна расправа се одржа на 19 ноември 2025 година. Следното рочиште беше одложено поради ангажираност и спреченост на вештите лица да присуствуваат, по што расправата продолжи на 18 февруари 2026 година, кога беа изведени дел од доказите“, велат ов Основниот суд Гевгелија.
Наредното рочиште е закажано за 18 март 2026 година, а постапката сè уште е во тек.
Од технички причини, обдукцијата врз починатиот првично беше одложена, што дополнително придонесе за пролонгирање на предметот. Одлуката на судот се очекува по завршувањето на доказната постапка.
Реакциите во јавноста за сообраќајната несреќа која ја предизвика Симе Франгов дојдоа по усмртувањето на Фросина Кулакова која исто така беше пешак и жртва на сообраќајна несреќа. Токму таквите реакции беа причина, таткото на Симе, Иван Франгов поранешен градоначалник на Гевгелија да поднесе кривична пријава против непознати сторители за говор на омраза.
Од СВР Струмица, која е надлежна за постапување и за територијата на Гевгелија за МКД.мк објаснија дека на 1 февруари 2025 година Франгов постариот во полицијата во Гевгелија „на записник има поднесено пријава против непознат сторител за сторено кривично дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем по член 394-г од Кривичниот законик“.
Не стивнуваа реакциите и изразите на незадоволство, како и сведочењата за други семејни трагедии од сообраќајни несреќи, откако на 29 јануари лани 22-годишната Фросина Кулакова беше смртно прегазена од Васил Јованов на булаварот Партизански одреди во центарот на Скопје.
Последна во низата беше реакцијата на гевгеличани, кои прашаа до каде е случајот со синот на поранешниот градоначалник на Гевгелија Иван Франгов, Симе Франгов, кој на 9 декември 2023 година во Нов Дојран предизвика сообраќајна несреќа во која животот го загуби 48-годишен пешак.
Незадоволни од бавноста со која се одвива истрагата, тие на фејсбук јавно упатија прашања до каде е постапката во врска со овој случај и зошто на Франгов не му бил определен притвор иако во сообраќајната несреќа загина човек.
Одлуката за тоа дали и колкава казна ќе добие Франгов, ќе се знае наскоро.






