Тој посочи дека во вторникот на владина седница поминал и предлог-колективниот договор, кој државните институции ќе треба да го потпишуваат со вработените во администрацијата, со што вработените за две години би имале за 40 проценти повисока плата од она што го имаат денес.
„Веќе помина текстот на предлог-колективниот договор, кој државните институции ќе го потпишуваат со вработените во администрацијата, а кој беше претходно договорен и усогласен со двата синдиката, УПОЗ и САДУ. Помина во вторникот на седница на Владата, има некои детали што ќе треба да се доиспеглаат деновиве и очекувам веќе од понеделник и потпишувањето да се заврши и во април да добијат плата во согласност со новата пресметка. Таа плата би била повисока за линеарното нивелирање на сите вработени во јавниот сектор, зголемена за 8 %. Така ќе биде во април 2027, така ќе биде во април 2028. Значи дека за некаде две години од денеска вработените ќе имаат повисоки примања за 40-ина проценти од она што го имаат денес. Овој договор преставува прв од таков вид што некогаш некоја влада го потпишала со овие вработени“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека малку се проширил списокот и оти тука влегле и од обвинителската и од судската служба.
„Некаде 10-ина илјади луѓе се опфатени и со тоа ние 99 % ги регулираме нашите односи со нашите колеги, каде што државата е работодавач. Нешто што досега никој не го направил“, нагласи премиерот.
Претседателот на Владата потсети дека еден од првите колективни договори што оваа Влада ги потпишала бил токму со синдикатите во образованието.
„Тоа беше приоритет на оваа Влада да најде решение за еден процес кој е многу важен, а тоа е процесот на зголемување на платите на образовните работници. Се потпиша договор, кој завршува во 2028 година. Бидејќи ние не сакавме да преземаме обврски што го надминуваат времетраењето на мандатот на оваа Влада во услови кога би имале редовни избори“, додаде Мицкоски.






