понеделник, 9 февруари 2026
Од Кочани до Кран Монтана

Кој е Жак Морети, сопственикот на објектот во кој згаснаа десетици млади животи?

Кога на 1 јануари 2026 година, првите сончеви зраци ги допреа врвовите на швајцарските Алпи, во Кран Монтана тежеше тишината. На местото на „Ла Констеласион“ (Le Constellation) останаа јагленисани греди, а под урнатините лежеа 40 тела, прекинати младости и соништа. Над стотина преживеани, пак, ќе ја носат ноќта во себе. Во Кочани, како и во Кран Монтана, видовме објекти каде безбедносните протоколи се третираат како „непотребен трошок“ или „бирократска пречка“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Наместо да се бара причината во „несреќните околности“, искуството од Швајцарија покажа дека истрагата мора да ја постави суштинската рамка дека во вакви објекти, безбедноста не е апстрактна обврска на системот, туку секојдневна одлука на сопственикот и менаџментот. Сопственикот е тој што избира материјали при реновирање, што дозволува или забранува пиротехника во затворен простор, што ја дефинира проодноста на патеките за евакуација и што гарантира дека излезите се функционални, отклучени и јасно означени.

Кога овие одлуки се носат со логика на комфор или приход, ризикот не останува теоретски, тој се претвора во реална закана за секој гостин. Затоа фокусот на одговорноста не е прашање на јавна перцепција, туку на принцип оној што управува со просторот и профитира од него, носи и најголем дел од одговорноста за тоа дали тој простор е безбеден.

Истрагата во Швајцарија се фокусираше на еден човек чие име во Европа стана синоним за смртоносна алчност – Жак Морети.

Но кој е Жак Морети?

Контроверзно минато: Од корзиканското подземје до швајцарскиот гламур

Жак Морети (49) не е случаен угостител. Неговиот пат до сопственик на престижни објекти во Кран Монтана е поплочен со правни прекршоци и сомнителни деловни практики. По потекло од Корзика, Морети со себе носи багаж кој швајцарските власти очигледно го превиделе.

Според судските записи објавени во француските медиуми, тој во 2008 година бил осуден во Анеси за „тешко подведување“ (proxénétisme aggravé), дело за кое добил и забрана за управување со бизниси на територијата на Франција. Токму оваа забрана го носи во Швајцарија во 2015 година, каде под превезот на „нов почеток“ започнува да гради империја. Но, навиките тешко умираат. Веќе во 2016 година, тој е повторно осуден, овојпат во Швајцарија, за ангажирање работници „на црно“.

Хронологија на една најавена трагедија: Прскалки, пена и смртоносна стапица

Трагедијата во „Le Constellation“ не била несреќен случај, туку математичка пресметка каде безбедноста била жртвувана за профит. Како што пренесува Свисинфо (3 јануари 2026) пожарот започнал во 1:30 часот по полноќ.

Извештаите се јасни, додека во барот владеела еуфорија, се палеле „фонтани“ (украсни прскалки) на шишињата шампањ. Искрите од овие пиротехнички средства биле „фитилот“ кој го запалил таванот. Она што следувало било пекол. Таванот бил обложен со полиуретанска пена, која Морети ја поставил во 2015 година за „подобра акустика“.

„Се случи брзо, многу брзо ширење на огнот,“ изјави јавната обвинителка Беатрис Пилу. Сведоците опишуваат дека чадот се појавил во секунди, густ, црн и екстремно токсичен. Познато е дека согорувањето на ваква пена испушта хидроген цијанид и јаглерод моноксид, гасови кои ги дезориентираат жртвите пред воопшто да го почувствуваат пламенот.

Свесна небрежност: Сѐ за профит – додека не загине некој

Истрагата открива морничави детали за управувањето на Морети. При реновирањето, тој лично одлучил да ја преполови ширината на скалите што воделе до подрумот за да направи повеќе простор за маси. Овие скали станале „грло на шише“ каде многу од жртвите биле пронајдени прегрнати, немоќни да излезат.

Уште пострашно е признанието на самиот Морети пред истражителите дека една од сервисните врати, која можела да послужи како излез за евакуација, била заклучена одвнатре. Причината? Контрола на влез на гости без платени билети.

Адвокатите на оштетените, како што пренесува Ле Монд (9 јануари 2026), се децидни: „Тие беа заслепени од парите до степен да ги заборават најосновните безбедносни правила.“ Се појавија и видео снимки од претходни забави на кои се слуша како вработените им викаат на гостите: „Внимавајте на пената!“, што е круцијален доказ дека сопственикот бил целосно свесен за ризикот, но одбрал да го игнорира.

Јавната реакција и меѓународниот притисок

Трагедијата предизвика политички земјотрес. Италијанската премиерка Џорџа Мелони упати остри критики до швајцарскиот правосуден систем по првичното ослободување на Морети со кауција. „Она што се случи не е несреќа: тоа е резултат на премногу луѓе кои не си ја завршија работата,“ изјави Мелони.

Притисокот вроди со плод. Како што објави Ле Фигаро (6 февруари 2026) италијанските истражители добија пристап до сите докази. Ова е јасен знак дека Европа бара одговорност која почнува и завршува кај оние што управуваат со објектот – кај семејството Морети.

Перцепцијата на одговорноста: Управувачите се виновни

Фокусот на истрагата во случајот во Кран Монтана е дециден: сопствениците се оние кои донесуваат одлуки. Тие одлучиле да стават запалива пена. Тие одлучиле да ги стеснат скалите. Тие одлучиле да ја заклучат вратата. Истрагата сугерира дека без овие свесни одлуки на Морети, прскалката би предизвикала мал инцидент, а не масакр.

Асоцијација со македонската реалност: Од Кран Монтана до Кочани

Овој случај болно резонира со македонската јавност и не потсетува на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Иако географски и економски далечни, менталитетот на сопствениците е идентичен. Во Кочани, како и во Кран Монтана, видовме објекти каде безбедносните протоколи се третираат како „непотребен трошок“ или „бирократска пречка“.

Во случајот со „Пулс“, јавноста беше сведок на слични пропусти. Кога профитот ќе застане пред безбедноста, резултатот е секогаш ист: млади луѓе кои излегле на забава, а завршиле во статистиката на црната хроника.

Кран Монтана е само најновиот доказ дека небрежноста нема нација. Но, истрагата против Жак Морети мора да послужи како лекција за секој менаџер и во Македонија и во светот – дека кога ќе се случи трагедија, изговорите како „не знаевме“ или „беше несреќен случај“ повеќе не поминуваат. Одговорноста има име и презиме, а во овој случај, тоа име е Жак Морети.

Р.Ф.

(Во серија текстови ќе се обидеме да дадеме паралела за трагедиите во Кочани и во Кран Монтана и начинот на кој швајцарските и македонските институции ја водат истрагата. За разликите во одговорот на институциите и поинаквото разбирање на концептот на одговорност со акцент на индивидуалната вина и конкретните дејства, наместо широка и генерализирана системска одговорност, како во случајот во Македонија.)
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ