Во кое било маало низ Македонија, каде што некогаш пред секој влез беа наредени детски велосипеди, денес речиси не се слуша чкрипење на гумите, а најчесто доминира тишината. Детските игралишта се сѐ попразни, а прозорците зад кои порано се слушаше детскиот џагор сега се затворени.
„Овде порано имаше најмалку по две деца во секој стан. Сега младите или се иселија, или живеат без деца. Некои и сами“, вели 62-годишната Марија, тазе пензионерка, која целиот живот го поминала во маало во центарот на Скопје.
Зад бројките се кријат човечки судбини
Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), во последните шест години, од 2019 година Македонија има негативен природен прираст. За една година во земјава се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лице, што е намалување од 4.140 лица. Само за една година бројката на живородените деца е намалена за речиси 700, од 16.737 во 2023, на 16.061 во 2024 година. По региони само во Скопскиот изминатата година имало позитивен природен прираст. Во другите четири региони, Пелагонискиот, Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот негативниот прираст на 1.000 жители бил над четири, што е речиси двојно повеќе од просечниот на ниво на држава, кој изнесува 2,3.
Падот на наталитетот не е само бројка на хартија, велат експертите. Зад бројките се кријат човечки судбини, приказни на страв, неизвесност и откажување од соништата. Високите трошоци за живот, ниските плати, несигурните работни места и недостигот од институционална поддршка ги прават децата „луксуз“. Земјата полека, но сигурно старее. Негативниот природен прираст станува новото „нормално“.
„Сакам деца, но не сакам да ги растам во сиромаштија. Како да планирам семејство кога не знам дали утре ќе имам работа? Љубовта не плаќа сметки. Имам 29 години, а веќе сум уморна, емотивно и финансиски исцрпена. Бракот го доживувам како дополнителен товар, наместо како сигурно засолниште“, вели битолчанката Ана, вработена со договор на дело.
Од Владата не бегаат од фактот дека во услови на континуиран пад на наталитетот, Македонија може да се соочи со сериозни долгорочни последици како што се намалување и стареење на населението, со негативно влијание врз природниот прираст и семејната структура, намалување на работната сила и зголемен притисок врз пензискиот и здравствениот систем, повисок ризик од сиромаштија и зголемена потреба од проширени социјални услуги. Затоа, велат оттаму, демографската криза се третира како национален приоритет.
„Во рамките на долгорочен пристап, Владата презема низа мерки вклучувајќи еднократна парична помош при раѓање дете, детски додаток за семејства со пониски приходи, образовен додаток за семејства со деца во основно и средно образование, гарантиран минимален приход со дополнителен износ по дете за социјално ранливи семејства, поддршка за биомедицински потпомогнато оплодување, проширување на капацитетите на детските градинки и субвенционирање на предучилишното образование, подобрување на квалитетот на услуги за рано детско образование и грижа, промоција на семејните вредности и одговорното родителство и програми за поддршка на враќање во земјата“, велат од Владата.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) потенцираат дека во текот на 2025 година започнала подготовка на нова Национална Стратегија за демографски развој и демографска отпорност, документ што ќе биде усогласен со Националната развојна стратегија 2024–2044 и ќе ги интегрира економијата, социјалната политика, образованието, миграцијата и квалитетот на живот, со цел да се создадат долгорочни решенија за стабилноста на населението.
Оттаму велат дека постоечките мерки за поддршка на семејствата имаат позитивен ефект, но Министерството нагласува дека економските и социјалните предизвици сè уште влијаат на одлуките за родителство,
„Демографска отпорност не значи само повеќе раѓања, туку создавање услови државата да може да одржи стабилно население, функционален пазар на труд и квалитетен живот. Падот на наталитетот е резултат на сложени социјални, економски и културни фактори, и не може да се припише на една институција. Нашата улога е да создадеме систем на политики, од финансиска поддршка и инвестиции во нови детски градинки, до програми за домување и локална поддршка“, велат од Министерството.
Иако државата најавува мерки за поддршка на наталитетот, граѓаните велат дека парите не се доволни.
„Не ми требаат 5.000 денари помош, туку сигурност дека моето дете ќе има иднина тука“, вели самохраната скопјанка, 35 годишната Тања.
Судовите сè почесто сведоци на распаднати семејства
Додека раѓањата опаѓаат, разводите растат. Статистиката покажува дека речиси секој трет брак во Македонија завршува со развод, што е драстичен пораст во споредба со пред дваесет години. Судовите сè почесто стануваат сведоци на распаднати семејства, а најголеми жртви се децата.
„Беше љубов како од бајките. Се разведовме по 12 години брак. Причината не беше ниту неверство ниту љубомора. Причина беше постојаниот притисок од економската несигурност, но и променетите вредности. Денес сите ние полесно заминуваме, бидејќи сѐ потешко издржуваме. Љубовта се изгуби некаде меѓу плаќањето на ратите за кредит и сметките“, вели 41 годишниот Горан од Велес, татко на едно дете.
Според Државниот завод за статистика, минатата година бројот на склучени бракови е намален за 1.600, додека бројот на разведени бракови е зголемен за 259.
По региони најмногу склучени бракови на 1.000 жители има во Полошкиот регион – над 7,5, а најмалку во Пелагонискиот и Вардарскиот, под 5,5 склучени бракови.
Минатата година во просек на 1.000 склучени бракови имало 183 разведени. Најмногу разведени бракови минатата година на 1.000 склучени имало во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион, над 200, а најмалку во Североисточниот регион, помалку од 140.
По општини најмногу разведени бракови на 1.000 жители имало во Зрновци – 888, Лозово – 500, Росоман – 461, Градско – 437, Делчево – 386, Дојран – 363, Гевгелија – 319, Кавадарци – 316 и Центар – 308.
Најмалку разведени бракови на 1.000 жители имало во Сопиште – 26,3, Липково – 32,4, Арачиново – 36, Сарај – 44 и Пехчево – 45,5 додека во Вевчани и Центар Жупа воопшто немало разведени бракови.
Разводите не се статистика туку со тивка човечка драма
Во Македонија, социјалната поддршка за семејства и деца главно се регулира на државно ниво, па општините, немаат задолжителна законска обврска да водат самостојна социјална политика. Сѐ зависи од тоа колку една локална самоуправа е финансикси моќна, дали има доволно човечки ресурси и коклу е развиена инфраструктурата. Кисела Вода, Гази Баба, Карпош, Центар, Битола и Тетово се неколкуте општини кои можат да послужат како пример за добри практики.
„Програмата за социјална политика на Општина Центар опфаќа мерки и активности насочени кон поддршка на ранливите категории граѓани, семејствата со деца, лицата во социјален ризик, старите лица, како и проекти за унапредување на локалните социјални услуги и подобрување на квалитетот на животот на жителите на општината. Доделувањето на еднократната парична помош за новороденчиња, согласно Законот за заштита на деца, е регулирано со посебна одлука и правилник на Општина Центар, при што право на помошта имаат родителите на новороденчиња кои се жители на Општина Центар и ги исполнуваат пропишаните услови утврдени со јавниот повик и општинските акти. Согласно Програмата за социјална политика, предвидени се повеќе видови поддршка за бебиња, деца и млади, меѓу кои: еднократна финансиска помош за новороденчиња, поддршка за деца од социјално ранливи семејства, образовни и развојни програми за млади, како и други мерки за социјална заштита и подобрување на детската и младинската благосостојба“, информираат од Општина Центар.

Македонија денес не се соочува само со статистички пад, туку со тивка човечка драма. Такви се и оние на Марија, Ана, Горан и Тања. Согласни се дека за нив прашањето не е само дали некој ќе стапи во брак и дали и колку деца ќе се родат утре, туку каква иднина ќе им понуди земјата, дали таа иднина ќе има кој да ја живее.
Искра Опетческа






