„Оваа година, кампањата започнува со моќен меѓународен поттик. Во официјалното видео, доктори од различни земји, со дланки обоени во симболичните бои на ретките болести, испраќаат порака дека науката и човечноста не познаваат граници. Тие обоени дланки се ветување дека нашите пациенти не се сами во својата тиха борба“, пишува во соопштението.
Кампањата, предводена од Здружението „Ретко е да си редок“, во соработка со „Живот со предизвици“, оваа година го осветлува патот на пациентите – буквално и преносно. Имено, на 1 февруари, знаменитостите низ државата ќе се обојат во боите на ретките и ќе светат во текот на целиот месец, симболизирајќи ја будноста на општеството кон потребите на овие граѓани.
„Осмата сезона е доказ дека истрајноста е посилна од секој предизвик. Обоените дланки на докторите во видеото се симбол на прифаќање и разбирање. Нашата цел е знаењето да го победи стравот, а едукацијата да ги отвори вратите за подобра терапија и достоинствен живот на секој поединец со ретка дијагноза“, изјави Гордана Лолеска, претседател на „Ретко е да си редок“.
Како и во изминатите години, кампањата продолжува со својата професионална едукативна дејност. Таа ќе понуди стручна експертиза со нови текстови и видеа за ретки болести, подготвени во соработка со врвни специјалисти од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ и регионалните болници. Сите материјали ќе бидат достапни на македонски и албански јазик, со цел информациите да стигнат до секое семејство. Воедно, февруари ќе биде месец на свесност и во текот на целиот месец ќе бидат објавувани содржини кои ги прават „невидливите“ дијагнози – видливи за институциите и јавноста, најавуваат органзиаторите.






