Дваесетгодишниот Алберто Миладинов од Кочани изјави дека во „Пулс“ одел уште од својата 16-годишна возраст. Како и други сведоци, посочи дека знае само за еден влез во дискотеката и дека никогаш не му била побарана лична карта при влез.
Тој раскажа дека објектот бил реновиран во последната година – биле отстранети терасите со сепариња и имало повеќе осветлување. Кобната вечер платил 500 денари за влезница, но не добил фискална сметка, ниту пак добивал сметки за пијалоците што ги купувал.
Миладинов сведочеше дека во клубот имало настапи на танчерки со оган, а потврди и дека полицијата вршела рации за малолетници.
„Како знаеле дека ќе има рација?“, праша судијката.
Тој одговори дека информациите ги добивале преку другари, но не знае од каде тие дознавале.
Кога пристигнал околу полноќ, билетот го предал на обезбедувањето, по што му бил ставен печат на раката. На влезот имало четири лица.
„Знаев дека се обезбедување затоа што стоеја пред вратата и регулираа кој влегува. Не сум сигурен дали имаа ознаки на облеката. Можам да го именувам само Лазар Захариев – Портокалот“, изјави сведокот.
Нивната маса била веднаш пред бината. На сцената била поставена музичката опрема, како и прскалки на предниот дел.
„Не видов кој ги постави, ниту кој ги активира. Беа пуштени во 2.32 часот. Го знам времето бидејќи снимав за стори на Инстаграм. На видеото се гледа како се запали мал дел од сунѓерот, и од таму почна сè“, сведочеше Миладинов.
Следното рочиште е закажано за 5 март со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството.






