Со глас што му се кршеше, но трудејќи се да биде смирен, тој раскажуваше како спасувал деца колку што можел, без да знае кого држи за рака, без да брои, без да размислува дали ќе успее. Во истата таа ноќ, неговиот син и другарчињата се спасиле по чиста случајност. Синот излегол надвор само за да го запознае татко си со девојчето. Неколку минути, неколку чекори, една обична човечка средба станала граница меѓу животот и смртта, но ги спасила и животите на едно младо дете и неговите другари.
Потоа дојдоа зборовите што ги скршија сите во судницата. Зборуваше за пискотници што одекнувале во темнината, за деца што се бореле за воздух, за тела притиснати до прозорите затворени со решетки, за раце што очајно се држеле за металните решетки поставени таму каде што требало да има излез. Прозорците немале стакло, го биле скршиле, но решетките не им дале можност да преживеат. Излез немало. Воздухот исчезнувал. Тие се бореле, но не можеле да излезат. Шеесет и три животи згаснале таа ноќ. Шеесет и тројца млади луѓе, нечии синови и ќерки, нечии соништа.
Во судницата во Идризово вчера на рочиштето сведокот зборуваше, а солзи сами се тркалаа по лицето на голем дел од присутните. Не можевме, професионалци сме, но сите сме и луѓе. Не можеш да останеш рамнодушен на таа трагедија што ти се чини како сценарио од хорор филм. Да слушаш како детски животи, тинејџерски, млади животи гаснеле во таков страв, болка и ужас. Боли…
Ги бришевме солзите, воздивнувавме, пиевме вода и работевме.
Со наведната глава беа и обвинетите, меѓу нив и газда Деко, обвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“.
Во судницата плачеа родителите. Некои тивко, со наведнати глави и стегнати раце, други липаа погласно, скршени од болка што не може да се совлада. Плачеа новинарите. Солзи течеа и по лицата на поротничките. Никој не остана недопрен од сведочењето, затоа што тоа не беше приказна – тоа беа последните моменти на нивните деца, изговорени за првпат гласно.

Она што никој досега немаше срце да им го каже на родителите, го слушнаа вчера. Не како гласина, не како претпоставка, туку како сведоштво пред суд. Човекот што прв застана во судница ја отвори вратата на суровата реалност, онаа од која со месеци сите бегаа. Не затоа што сакаше, туку затоа што мораше. И како што вчера кажа, секој ден живее со таа слика, со таа сурова реалност, секој ден ја преживува трагедијата од „Пулс“.
Згора на целиот пекол од реалноста, во судница сите што седат и што се обвинети, а се 35 на број, велат дека не се виновни. Никој, ама баш никој, ниту оној што ја поседувал дискотеката, ниту оној што ја работел, ниту оние што издале лиценца… никој не чувствува вина за ова ужасна трагедија. Сите велат дека „ќе ја докажат својата невиност“.
А невиноста на младите деца што за ништо немаа вина? Нивниот живот згасна на забава на која заминаа да се смеат, да играат, да пеат…
А ова е само почеток. Пред судот ќе сведочат уште над двесте луѓе. Секој со својот товар, со својата слика од таа ноќ, со својата вистина што боли. И останува прашањето што вчера никој не го изговори на глас, но сите го почувствуваа: кое родителско срце ќе ги издржи сите тие зборови, сведоштво по сведоштво, за суровата реалност во која згаснаа 63 животи, реалност што никогаш не смееше да се случи?
Има и докази, многу докази, кои будно ќе ги следиме и анализираме и ние новинарите. Тие исто така се клучни за утврдување на вистината и вината кај обвинетите лица. Најтешка задача има судот, кој треба да пресече и да донесе одлука. Но претходно се нудат докази. Задачата на судот е тешка, но судиите и поротниците мора да ги тргнат емоциите на страна и да судат според доказите. Болката и емоциите се доживотни сопатници на роднините на оние што загинаа.
Сите што седиме во судница и го следиме судењето за „Пулс“ чекаме правда, и не само ние, туку целиот народ чека правда. Но меѓу секоја секунда, минута, час, ден, месец, па и години колку што ќе трае ова судење, сите, ама сите без исклучок знаеме дека ништо нема да ги врати младите ангели што починаа поради пропусти на системот.
Катерина Додевска






