Мирниот собир почна во Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, како симбол на задоцнетата институционална реакција, а потоа граѓаните се упатија кон Трговскиот центар, кон зградата на Општина Кочани, Полициската станица и Основниот суд и Обвинителството.
Задржувајќи се кратко пред институциите, присутните упатија прашања за одговорноста на надлежните и побараа правда за своите деца.
„Кој ги уби нашите ангели, кој ги уби нашите херои и кој ги пеплоса тие ангелски лица“, праша една од мајките на починатите.
Присутните додадоа дека ако сите институции си ги извршувале своите задачи до трагедијата немало да дојде. Маршот заврши на истото место од каде што и почна, а граѓаните нагласија дека ќе бараат правда за своите најмили.
Претходно, во писменото известување за маршот организаторите нагласија дека тој не е за луѓето од обезбедувањето во дискотеката кои се наоѓаат во притвор, а граѓаните кои не го прифаќаат тоа укажување не мора да се приклучуваат.
Во трагичниот пожар во дискотеката Пулс што се случи на 16 март 2025 година починаа 60 луѓе, а околу 200 беа повредени.