„Нашиот регион се соочува со слични предизвици – транснационален криминал, корупција, трговија со луѓе, перење пари и решенијата за овие предизвици, сè почесто, лежат во заедничко дејствување. Затоа, преку формализирање на нашата соработка, како што се склучување на договорите за формирање на заеднички истражни тимови, но и преку понепосредна спонтана размена на информации, ја зголемуваме, не само ефикасноста на нашите институции, туку и правната сигурност за граѓаните кои очекуваат резултати“, посочил Коцевски.
Тој додал дека размената на оперативните информации сè повеќе добива на значење, посочувајќи на фактот што годинава во рамки на АСЕТ проектот преку паралелни проверки во земјите на Западен Балкан на ВИП таргети, биле лоцирани противправно стекнати средства и имот во секоја од државите во регионот, што било од особено значење за кривичните постапки и испраќање цврста порака дека криминалот не е исплатлив.
Шефот на ОЈО ГОКК Абази во своето обраќање се осврнал кон борбата против нарко-картелите кои оперираат во земјава, за кои, вели, освен трговијата со дрога преземаат и други дејствија, односно ликвидации, вооружени пресметки, заплашувања и така натаму.
„Ние во последниот период сериозно се зафативме со борбата против нарко-картелите кои оперираат во Северна Македонија, кои освен трговијата со дрога, преземаат и други дејствија поради кои сведочиме на ескалација на насилството поврзано со пазарот на дрога – ликвидации, вооружени пресметки, заплашувања. Организаторите на овие дејствија не се маргинални групи, туку добро структурирани криминални организации со регионални и меѓународни врски. Овие мрежи оперираат преку шеми кои не познаваат граници и кои бараат подеднакво прекуграничен, брз и координиран одговор“, истакнал Абази.
Најавил дека во следниот период постапките на Обвинителството ќе бидат уште повеќе насочени и кон сложените форми на економски криминал и перење пари, за што регионалната и меѓународната димензија на финансиските истраги ќе стане еден од клучните приоритети.
Јавното обвинителство во моментов има четири активни заеднички истражни тимови со други држави од регионот, кои се формирани со цел поефикасно справување со сложени форми на организиран криминал и корупција.
На маргините на средбата во Тирана, македонските јавни обвинители остварија повеќе билатерални средби со колегите од регионот, на кои во детали разговараа за модалитетите за унапредување на заемната соработка. Исто така, делегацијата на македонското обвинителство предводена од Коцевски оствари средба и со претседателот на Европравда Михаел Шмит.
Во Тирана денеска се одржа консултативен форум на државните јавни и специјални обвинители од земјите на Западен Балкан.
Во поздравниот збор, првиот човек на албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), Алтин Думани изјавил дека „борбата против организираниот криминал е битка што не познава географски граници, туку бара тесна регионална и меѓународна соработка“.
Тој на колегите им порачал дека не ги обединува географијата, туку борбата против криминалот.
„Криминалните групи и организации се меѓусебно поврзани и нивното разбивање бара координирана работа на регионално ниво. Потребни се повеќе заеднички истраги, доверба, визија и споделување информации“, додал Думани.
Фокусирајќи се на соработката со Евроџаст, Думани нагласил дека таа претставува „стратешки јазол, кој овозможил решавање на сложени случаи преку заедничка работа“.
Тој додал дека СПАК се соочува со голем прилив на случаи и дека само во периодот од јануари до мај се одржани 10 состаноци и се создадени 23 истражни тимови со земјите од ЕУ и регионот, како и еден тим со Латинска Америка
„Заедничките тимови, финансиските истраги и враќањето на средствата, како и споделувањето информации во реално време, се клучни елементи за нашиот успех“, заклучил Думани.
На, денешниот, втор форум порака до обвинителите упатил и амбасадорот на ЕУ во Тирана, Силвио Гонзато, кој побарал посилна соработка меѓу обвинителствата во регионот.
„Вашата работа како главни обвинители директно влијае на членството во ЕУ. Независните обвинителски служби, кои можат да истражуваат и гонат криминалот без страв или наклонетост, се суштински предуслови за членство во ЕУ“, порачал Гонзато.