недела, 7 декември 2025

Коцевски реагира како адвокати го коментираат обвинението за пожарот во Кочани

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска преку допис до Адвокатската комора реагира, на како што се наведува во соопштението, начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во кочанската дискотека Пулс и однапред изнесуваат неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка, без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, доказниот материјал или планираната динамика на судот за одржување на рочиштата.

 

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведува Коцевски во реакцијата, тоа е спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите, согласно кој во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува.

„Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките. Изнесувањето на неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка наштетува пред сѐ на угледот на судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато. Нагласуваме дека Јавното обвинителство во моментов води повеќе активни судски постапки со кои се опфатени повеќе десетици обвинети, а судењата течат редовно и без застој. Јавните обвинители се водат единствено од доказите и немаат никаква можност да избираат колку обвинети ќе вклучат во постапките што ги водат. Притоа, укажуваме дека одредени адвокати го злоупотребуваат професионалното својство, се претставуваат и ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без притоа да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент, доведувајќи ја со тоа во заблуда јавноста и особено оштетените“, напиша Коцевски во реакцијата.

Според Коцевски, местото за соочување на доказите е судницата, а избегнувањето на судската постапка и обидот да се влијае на процесот со јавно изнесување на дезинформации, само ја покажува цврстината на доказите обезбедени од обвинителството.

„Во прилог на тоа говори и фактот дека ниту еден од бранителите до овој момент до обвинителството не доставил доказ или известување дека презел самостојно дејствие за обезбедување докази во корист на неговиот клиент. Во тој контекст, особено би сакале да го посочиме учеството на адвокат Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата ‘Студио 10’ како пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите. Во емисијата таа изнесува комплетни невистини дека не ѝ бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението, обидувајќи се на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција. Наведените пораки се дел од извештајот за анализирана телефонска комуникација изготвен од МВР-БЈБ кој е дел од доказниот материјал доставен интегрално во судот и до сите бранители“, тврди Коцевски.

Според него, целокупниот доказен материјал за предметот “Кочани” е обемен и, како што вели Коцевски, е резултат на макотрпна и интензивна работа на јавните обвинители.

„Доколку почитуваната адвокатка не го презела во целост или сѐ уште не стигнала ни да го прегледа, што е нејзина должност како бранител, тоа ќе има можност да го истакне пред судот онака како што налага Законот за кривична постапка. Ова особено бидејќи наведените пораки воопшто не се однесуваат на нејзиниот клиент. Ваквиот јавен настап е целосно спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, какво што е впрочем изнесувањето целосни невистини“, вели Коцевски.

Поради ова, Коцевски од претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски Џанго бара да апелира до адвокатите да ги штити професионалните стандарди на адвокатурата.

„Јавните обвинители, поради обврската кон семејствата на жртвите и кон повредените, но и кон целокупната јавност, ќе реагираат и остро ќе се спротивстават на секој обид за одолговлекување или компромитација на постапката. Јавнообвинителскиот тим кој ќе го застапува обвинението во предметот за пожарот во кочанската дискотека Пулс е единствен и ја има апсолутната поддршка од целокупната јавнообвинителска организација. Како одговорна и сериозна институција нема да дозволиме ниту едно единствено рочиште да се одложи или да биде обременето по вина на јавен обвинител“, реагира Коцевски.

Тој појаснува дека поднесеното обвинение е одобрено од судот и дека наскоро ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со трагедијата во Кочани.

„Јавното обвинителство до крај ќе ја почитува пресумпцијата на невиност на обвинетите, но ќе инсистира на кривичен прогон на секој еден сторител на кривично дело“, заклучува Коцевски во реакцијата испратена до претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски Џанго.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ