Кандидатката за член на Советот на Град Скопје, проф-д-р Ана Угринска најави дека Коалицијата за зелена иднина ќе бара нулта толеранција за палење на диви депонии, како и ниво расчистување со јасно утврдени рокови, засилени комунални инспекции и строги казни што ќе се извршуваат.
„Воведување на чист и функционален јавен превоз. Со воспоставување на приоритетни коридори за еко-автобуси, со нови линии што ќе ја намалат зависноста од автомобили. Реална заштита на најранливите со здравствени аларм-протоколи за деца, постари и хронично болни. Зелени коридори со дрвја и поврзани пешачко-велосипедски рути“, најави проф. д-р Угринска.
Носителот на листата на советници за Карпош, Александар Анѓушев, порача дека оваа скопска општина не смее да прерасне во бетонска џунгла поради профитот и интересите на бизнис – моќниците.
„Ќе ги штитиме нашите зелените простори, дворови и кејот на Вардар – тие се обележјата на здрава општина и мирно соседство. Предлагаме строга контрола на градбите: висини и капацитети само според плански документи кои ги штитат зеленилото, воздухот и јавните површини. Наместо уште еден шопинг мол, предлагаме нови зелени оази – паркови за деца, места за спорт, училишни градини и зелени коридори што ги поврзуваат маалата. Засадувањето дрвја по улиците и плоштадите не е декорација, тоа е орудие против смогот и летните горештини, тоа е инвестиција во здравјето и иднината на нашите деца“, рече Анѓушев.

Кандидатката за член на Советот на општина Карпош, Љубица Шопова нагласи дека жителите на Карпош сведочат на секојдневно потиснување и узурпација на јавниот простор.
„Местата каде што се среќаваме, разменуваме идеи и градиме заедништво, полека исчезнуваат.. Нашата цел е да го вратиме јавниот простор како заедничко добро со јасни и транспарентни правила за користење, редовен надзор и почитување на стандардите што го штитат јавниот интерес. Паралелно, мора да отвориме повеќе можности за алтернативната културна сцена – мали сцени, пунктови за уметност и настани блиску до маалата – за култура што е достапна, жива и инклузивна“, рече Шопова, притоа додавајќи дека кога јавниот простор е слободен и тогаш културното творештво е видливо и препознатливо.
Од Коалицијата за зелена иднина порачаа граѓаните да ја поддржат нивната платформа и да го заокружат бројот 8, затоа што тоа е избор за слободен и зелен јавен простор, за чесна, транспарентна и одговорна локална власт.
Коалицијата за зелена иднина и наредните денови продолжува со средби со граѓаните, со фокус на директна комуникација и непосредно запознавање со нивните проблеми и приоритети.






