Во фокус на состанокот, како што се наведува, беше нерешеното прашање за доцнење и неисплатена компензација за лични асистенти и лица кои се грижат за нив за месеците мај, јуни и јули 2025 година.
„Учесниците во дискусијата – вклучувајќи лица со попреченост, лични асистенти, лица кои се грижат за нив и претставници од Коалицијата ‘Менуваме’ – изразија сериозни загрижености во врска со: нередовни и доцнења во исплатата на платите, неуспеси во испораката и координацијата на услугите, несоодветен и отфрлувачки третман на личните асистенти и лицата кои се грижат за нив од страна на институционалните претставници и нејасни структури и нерешени прашања во рамки на сегашниот систем на услуги за поддршка“, се вели во соопштението.
Фокус групата едногласно се согласила да достави формален допис на загрижености и предложени решенија до Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Официјално ќе побараме состанок со министерот Лимани и заменик-министерот Велковски за решавање на овие итни прашања. Оваа иницијатива претставува колективен повик за поголема одговорност, транспарентност и почитување на правата на лицата со попреченост и оние кои ги поддржуваат“, стои во соопштението.






