сабота, 13 декември 2025
Локални избори 2025

Коалиции се градат со вредности, а не со етнички поделби, му одговори Мицкоски на Касами

Политиката не смее да се гради врз етнички теми и шовинизам, туку врз вредности и заедништво, реагираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на изјавата на Билал Касами од коалицијата Вреди кој во интервју за албанската телевизија Сири најави дека во вториот круг од локалните избори во Кичево ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.

Објавено на

часот

Сподели

„Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициски партенри треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики“, изјави Мицкоски во вчерашното обраќање на настанот по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Тој истакна дека луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови, туку како граѓани со свои судбини и убедувања.

„Ниту еден од нас нема гласови во џеб. Поддршката се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност. Во тој контекст, треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволат да ја изневерат. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Касами изјави дека испаѓањето на кандидатот на Вреди во првиот круг во Кичево, природно е албанските гласови да одат кон ДУИ, претставувајќи го тоа како национално мобилизирање, а не коалициско. Касами како кандидат за градоначалник на Тетово на коалицијата Вреди води по првиот круг од локалните избори пред кандидатот на ДУИ. Според коалицискиот договор,  ВМРО-ДПМНЕ немаше свој кандидат за Тетово, па лесно може да се види дека и дел од гласачите Македонци гласаа за Касами. Касами сега повика и на обединување на албанските гласачи и во Брвеница и Долнени, каде во вториот изборен круг на 2 ноември ќе се соочат со ВМРО-ДПМНЕ, со што се обидува да ги придобие и подржувачите на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа и кандидатите на Вреди во Чаир, Сарај и Струга.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ