„Стручниот колегиум е движечката сила на една здравствена организација, а директорот е тој што треба да ги овозможи сите услови за негово функционирање“, сведочеше Клисаровска.
Клисаровска ја презела функцијата вршител на должноста директор на 2 ноември 2022 година, а била разрешена на 27 февруари 2024 поради истек на временското продолжување. Вработена е на Клиниката од 2002 година, а од 2007 е специјалист по радиотерапија и онкологија. Била и раководител.
Таа пред судот објасни дека при преземањето на функцијата затекнала недостиг од утрински состаноци и недоволна информираност на стручниот колегиум.
„Ваквите утрински состаноци недостигаа и ние немавме секогаш доволно информации потребни за нормално функционирање“, рече таа додавајќи дека веднаш иницирала нивно воведување.
Во своето сведочење посочи дека препишувањето терапија претходно било индивидуално, што го сметала за проблематично. Затоа иницирала формирање онколошки конзилиум, првпат на Клиниката, со цел групно донесување одлуки за препишување терапија.
„Сметав дека тоа не треба да биде така и затоа уште првите денови од извршувањето на должноста ја поведов постапката за формирање онколошки конзилиум. Главната цел беше групна одлука за препишување терапија за лек кој е на листата на условниот буџет“, нагласи таа.
Клисаровска детаљно објасни како функционира конзилиумот нагласувајќи дека секој лекар реферира пациент со сите значајни параметри на болеста, а одлуката се носи колективно и се потпишува од сите членови.
„Сите имаат право да дадат забелешка, да постават прашања, може да се разгледа историјата во целост и доколку е единствен ставот, секој член се потпишува на одлуката со своето име“, рече таа.
Во продолжение таа зборуваше и за финансиската состојба на Клиниката, при што истакна дека затекнала долг, кој почнал да се создава интензивно во 2021 и 2022 година.
„Приближно за пет до шест месеци, летото 2023 година, долгот беше речиси преполовен. Сметам дека тоа беше најмногу благодарение на извршниот ангажман за анализа и многу поважно – презентирање на таа анализа пред повисоките институции – Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Бирото за јавни набавки, па дури и Владата“, рече таа.
Таа објасни дека исцрпните анализи значеле добивање податоци за секој лек одделно за да се знае колку пациенти го примаат и колку е надминувањето на бројките во споредба со одобрените.
„За повеќе лекови имаше сериозни надминувања на бројката за што веднаш побарав консултации со ФЗОМ за да може да се изнајде решение за проблемот без исклучување на пациентите, а сепак како институција да бидеме што е можно поблиску до одобрувањата“, нагласи таа.
Додаде дека онколошкиот конзилиум редовно давал информации за лековите, количините и за процените за наредните месеци, а на секои три-четири месеци доставувала конкретни табели со број на пациенти по лек до Фондот за здравство (ФЗОМ).
„Она што го затекнав беше и една нееднаквост на исплатите на доставувачите, така што се трудев, освен намалувањето на долгот, сите доставувачи да ги донесам до една блиска рамка на исплата. Сите беа доведени еден период до исплаќање ист месец или разлика од еден до два месеци“, рече таа.
Сведокот зборуваше и за соработката со организацискиот директор Нехат Нухи нагласувајќи дека односот бил професионален, но дека повеќето од иницијативите биле нејзини.
„Секогаш се трудев да му го образложам секој дел од она што го предлагам и одевме заедно, поради потребата од врзан потпис, на состаноците, но мислам дека нема да биде нескромно ако кажам дека многу повеќе лично се ангажирав“, истакна таа.
Во сведочењето се осврна и на проблемите со недостиг на терапија, задоцнети испораки и дефектури. Таа објасни дека со анализа успеала да предвиди кога би се појавил недостиг на лекови и навреме да алармира до Министерството и Фондот.
Клисаровска потврди дека била присутна при претресот на Клиниката на 1 септември 2023 во просторијата на Нино Васев, каде што биле пронајдени лекови од условен буџет, меѓу кои „ерлотиниб“ и „кризотиниб“. Таа се потпишала на записниците од претресот и нагласи дека биле пронајдени и други лекови од позитивната листа.
Во текот на вкрстените прашања од одбраната, адвокатот Вељо Кадиев, бранител на Нино Васев, ја праша Клисаровска дали состаноците можеле да се одржуваат за време на ковид-пандемијата. Таа одговори дека и покрај околностите, смета оти имало простор за стручни состаноци.
Во врска со онколошкиот конзилиум, Кадиев посочи дека тој не се одржувал ниту пред Васев да биде именуван за директор, што Клисаровска го потврди.
Се согласи дека Клиниката се соочувала со недостиг на лекови, особено биолошка терапија, и нагласи дека проблемот потекнува од тоа што при планирањето на тендерите за Министерството за здравство не биле консултирани лекарите.
„Мислам дека тука е суштинскиот проблем на Клиниката, во смисла при планирањето на двегодишниот тендер од страна на Министерството за здравство, грешка е што како стручен колегиум не сме биле консултирани ниту кои лекови да влезат ниту, пак, сме биле прашани која би била потребата за количината на овие лекови. Јас тука ја наоѓам грешката и оттука почнува голготата на Онкологија. Затоа таа пракса е прекината. Факт е дека има сѐ повеќе пациенти, потребата за лекови е сѐ поголема и токму затоа најважни се исцрпните анализи, транспарентноста и помошта од повисоките институции“, рече таа.
На прашања од Нино Васев таа рече дека била пасивен сведок при претресот и само потврдила дека биле пронајдени лекови, без да ги проверува датумите. Потврди и дека го повикала Васев да дојде на работа кога службите сакале да разговараат со него додавајќи дека ситуацијата била непријатна и незаборавна.
На прашање од бранителката на Нехат Нухи, адвокатка Анита Бегова, таа истакна дека соработката со Нухи била професионална, но повеќето од иницијативите, како што рече, биле нејзини, со објаснување кон организацискиот директор поради потребата од врзани потписи.
Во забелешка адвокатката посочи дека теоријата на одбраната е дека работењето на Клиниката за онкологија е системски проблем, а не индивидуален.
На денешното рочиште бранителката на Нехат Нухи повторно предложи мерката притвор за Нино Васев и за Нухи да се замени со куќен притвор. Таа аргументира дека постојат променети околности повикувајќи се на случајот со Артан Груби, кој по година и едномесечно бегство, доби домашен притвор наместо притвор. Бегова нагласи дека пред законот сите граѓани треба да бидат еднакви и дека за Васев и за Нухи нема докази дека би се дале во бегство ако им се одреди поблага мерка.
„Сметам дека не постои разлика меѓу Нехат Нухи, Нино Васев и Артан Груби. Конзистентен треба да биде ставот на Обвинителството“, рече таа додавајќи дека верува оти Јавното обвинителство се водело од хумани причини, а не од политички или коруптивни мотиви.
Бранителот Вељо Кадиев го поддржа предлогот нагласувајќи дека судот не смее да дозволи мерката притвор да премине во казна.
Од друга страна, Јавното обвинителство остана на истиот став и не понуди промена на мерката.
Судот не го прифати предлогот во оваа фаза на постапката притворот да биде заменет со куќен притвор.
„Со оглед дека одлуката на судот по ист ваков предлог беше донесена на 17.2.2026 година, а нема променети околности поради кои судот би ја заменил веќе определената и продолжува на мерка притвор во согласност со член 165, став 1 од ЗКП“, образложи судијката.
Судењето продолжува на 10 март со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството.
Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.
МИА






