Како што информираа од Клиниката, курсот е осмислен од д-р Марек Шолтес, абдоминален хирург и професор на Универзитетот Павол Јозеф Шафарик во Кошице, Словачка, а бил спроведен со д-р Клаудија Ѓиноска абдоминален хирург во Клиника Жан Митрев. Тридневната едукација вклучувала практична работа на модели со инструменти што се користат во операциона сала, надополнета со кратки демонстрации, концизни упатства и стимулативни дискусии. Учесниците имале можност директно да работат и да ги усовршуваат техниките на лапароскопска хирургија под водство на искусни експерти.
„Курсот е акредитиран од ЕАЕС (Европската асоцијација на ендоскопски хирурзи), една од најрелевантните европски организации во областа на минимално инвазивната хирургија.
„Особено значајно е што вакви практични обуки се реткост во Европа, а досега не се организирале никаде на Балканот. Со тоа, Клиниката Жан Митрев уште еднаш се потврдува како регионален центар што располага со сите потребни човечки ресурси, просторни капацитети и логистика за реализација на настани од највисоко професионално ниво“, велат од Клиниката.

Во својата оценка за настанот, д-р Марек Шолтес ја истакнал високата потреба од вакви едукации и придонесот на професионалниот тим на Клиника Жан Митрев.
„Повратните информации од хирурзите, гинеколозите и уролозите кои присуствуваа беа исклучително позитивни, при што многумина истакнаа дека квалитетот на обуката значително ги надминал нивните очекувања. Интересот за овој курс во регионот е навистина голем, со листа на чекање што речиси го удвои нашиот капацитет. Овој исклучителен интерес, заедно со врвните услови што ги нуди Клиниката Жан Митрев, ја потврдува нејзината важна улога во регионалната хируршка едукација“, вели д-р Шолтес.
Од Клиниката Жан Митрев велат дека успешната реализација на овој курс дополнително ја позиционира Република Македонија како атрактивна дестинација за едукација во лапароскопија меѓу европските доктори, а Клиника Жан Митрев како современ медицински центар кој активно придонесува кон развојот на хируршката едукација во регионот и пошироко.







