Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу денес ја посетија реконструираната Клиника за уво, нос и грло во Скопје, каде од страна на директорот д-р Игор Камшикоски им беа презентирани новите услови и современа медицинска опрема каква, според властите, ретко може да се сретне дури и во регионот.
Директорот на Клиниката, Игор Камшикоски, рече дека просторот е организиран според најсовремените стандарди, со јасно дефинирани зони за стерилен, нестерилен и полистерилен проток.
„Во текот на изминатиот период преземавме обемна реконструкција со реновирање на четири оперативни сали при што ги адаптиравме и останатите простории за поедноставна и побезбедна циркулација на медицинскиот персонал и на пациентите. Реконструкцијата не е само естетска. Најзначајниот напредок го направивме преку набавка на современа медицинска опрема, како што е оперативниот микроскоп Тивато 700, врвна технологија која овозможува нови димензии во микроскопската хирургија. Овој модел користи прецизни прецизна 3Д визуелизација, овозможува хирурзите да гледаат преку високо резолутивен екран, што значително го намалува нивниот замор и ја зголемува прецизноста. При тоа целиот тим како и младите хирурзи можат во живо да ги следат операциите,” рече д-р Камшикоски.
Тој потенцираше дека микроскопот Тивато 700 нуди автоматско фокусирање, интегрирана ЛЕД осветленост со прилагодување според ткивото, како и функционалност со дигитална документација, што го прави непроценлива алатка при оперативни зафати на средното уво, гласните жици и гркланот, како и хирургијата на носот, параназалните синуси и реконструктивната хирургија на глава и врат.
„Со тоа, се подобрува тимската комуникација, се зголемува безбедноста на пациентот и се врши континуирана едукација на младите кадри,” додаде тој.
Камшикоски додаде дека со сите овие инвестиции се создадени услови за дијагностика и третман според европски и светски стандарди, а нивната цел е да се скрати времето на чекање на пациентите, да се подобрат условите на здравствените услуги и да се понуди безбедна, достапна и високо квалитетна здравствена нега.
На отворањето присуствуваше и премиерот Мицкоски.
Министерот Алиу изјави дека политиките за подобрување на здравствениот систем кои ги дефинирале, сега се реализираат во оваа клиника. Тој нагласи дека трите клучни столба – инфраструктура, човечки ресурси и технологија – денес се видени како успешно имплементирани и функционални.
Во својата изјава, премиерот Мицкоски се заблагодари на сите кои се вклучени во проектот, со акцент на квалитетните услови кои сега им се нудат на пациентите и медицинскиот персонал.
„Можам само да посакам вработените да имаат помалку работа и да се фокусираме на превенција. Но кога пациентите веќе ќе ги користат овие простории, тогаш барем нека добијат пристојни услови – како што сега имаме овде. Благодарение на директорот, на Фондот, министерот, Министерството и вработените, сега имаме, би рекол, европски услови со опрема која е единствена во нашата земја, а реткост и во регионот“, изјави премиерот.






